Искање


Означено з Дигитални докази x Лозинка x Tactic x Identity x

ЗАКАНИ

Станува збор за загрозување на физичката и емоционалната безбедност и благосостојба преку повикување за насилство врз одредена личност или група луѓе. Ова вклучува и закани за силување и други форми на родово базирано насилство.

Заканата е сериозен облик на напад и треба итно да се решава за да може што поскоро да се спречи нејзиното „прелевање“ во физичкиот свет. Секоја закана пријавете ја во полиција и до јавниот обвинител.

Бидејќи заканите честопати предизвикуваат страв и несигурност, член 144 од Кривичниот законик (Загрозување на сигурноста) обезбедува соодветна правна основа за придвижување механизми за заштита.

Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирањето на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава.

СОВЕТ: Објаснете детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и на најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судски постапки. Доколку чувствувате психолошки притисок, побарајте и стручна помош, како и извештај од стручно лице – психијатриски вештак.

Освен што заканите ќе ги пријавите во полицијата и на дигиталните платформи, известете го исто така и вашиот работодавец и документирајте ги.

Ако сте во можност, заштитете го вашето ментално здравје така што ќе се одморите од социјалните мрежи, особено од оние места што можат да предизвикаат дополнителен стрес или страв за личната безбедност. Формирајте мрежа за поддршка која може да преземе на себе дел од работата за документирање на заканите. Уште еднаш – приоритет број еден секогаш треба да биде вашата физичка безбедност и ако некогаш почувствувате дека насилството преку интернет што го доживувате е можно да се „прелее“ во физичкиот свет, веднаш повикајте полиција!

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Телефон/таблет Малвер Пријава на платформата Безбедност Сексуално вознемирување Новинар/ка Страв Медиуми Компјутер/лаптоп Кривична пријава

ДЕМНЕЊЕ

Процес на ревносно и постојано следење нечија активност на интернет. Дефиницијата за демнење може да се примени секогаш, без разлика дали демначот или жртвата се познаваат лично или не. Дигиталните траги, податоците и други показатели на нашето учество кои се појавуваат на социјалните мрежи и други локации на интернет направија демнењето во дигиталниот простор да биде многу едноставна задача. Исто како и во физичкиот свет, последиците врз жртвата може да бидат различни и може да вклучуваат зголемено чувство на несигурност, страв и перцепција на нарушување на приватноста.

Демнењето во Кривичниот законик е идентификувано како кривично дело (чл. 144-а). Сепак, членот пропишува дека, за да претставува демнење, инцидентот (инцидентите) мора да се случуваат одреден временски период. Интензитетот на демнењето и последиците што ги чувствува жртвата не се од суштинска важност, но судот може да ги земе предвид во текот на кривичната постапка.

Доколку инциденцата/инциденците на следењето не го задоволат времето кое е предвидено во членот 144-а од Кривичниот законик, членот 144 (Загрозување на безбедноста) може исто така да понуди заштита од активности кои резултираат со страв за личната безбедност и предвидуваат построги санкции доколку е жртвата дете.

Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирањето на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава.

Во денешно време е многу лесно да се прави приватно следење на јавниот дигитален број со користење на повеќе различни методи. Поради ова, важно е да проверите кај вашите уреди (телефони, компјутери, паметни звучници/ѕвончиња итн.) дали опциите (на пр., локацијата, нагодувањата за приватност) се заштитени на најдобар можен начин (исклучување на следење на локацијата, строго нагодување за приватност) и се ограничени во нивната можност да споделуваат приватни податоци.

Како и кај сите видови напад, жртвите на следење треба да ги известат своите пријатели, семејството, партнерите и колегите за вознемирувањето, со цел да имаат поширока мрежа на поддршка. Ако демнењето на интернет се „прелее“ во физичкиот свет, веднаш треба да ја известите полицијата и да побарате заштита.

Овие ресурси содржат повеќе информации за тоа како да ја подобрите вашата дигитална безбедност.

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Телефон/таблет Локација Безбедност Поддршка Идентитет Компјутер/лаптоп Кривична пријава Пратење

ЗЛОУПОТРЕБА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ (IDENTITY MANIPULATION)

Манипулацијата со идентитетот или злоупотребата на личните податоци претставува сериозна закана која има потенцијално далекусежни последици. Без разлика дали цел е самото лице чии лични податоци се злоупотребени или некој друг, штетата може да биде непроценлива.

Поради сложеноста и различните појавни форми на оваа категорија на напади, тешко е да се одреди правната основа која нуди најсоодветна заштита. Во случај на измама сторена со користење компјутер што му припаѓа на друго лице, а која резултира со материјална или финансиска корист за сторителот, може да се поднесе кривична пријава според член 251-б (Компјутерска измама) или злоупотреба на лични податоци – чл. 149.

Доколку случајот на злоупотреба на личните податоци доведе до психолошка повреда или штета врз угледот или достоинството, тогаш може да се бара компензација преку граѓански правни процедури. Пред да се отпочне ваква тужба, неопходно е да се знае идентитетот на сторителот и да се обезбедат докази кои го потврдуваат тврдењето дека е направена злоупотреба на идентитетот (личните податоци) и дека е предизвикана штета.

Злоупотребата на личните податоци најчесто оди рака под рака со финансиска измама и кражба преку интернет. Постојат различни начини на кои можете да се заштитите од овие нешта: ограничете го износот на пари што може да се префрли на друга сметка, или што може одеднаш да се извади од банкомат, користете најмалку двофакторски систем за најавување во однос на вашите финансиски лозинки и уништувајте ги старите банкарски и други картички кои содржат чувствителни податоци.

Доколку сте жртва на злоупотреба на лични податоци, информирајте ја полицијата што е можно поскоро, известете ги финансиските институции или веб-страниците каде што имате сметки и привремено блокирајте ги засегнатите банкарски сметки и/или картички.

Навремената проценка на ризикот и дигиталната хигиена се важни средства за превенција и заштита.

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Телефон/таблет Оштетување Репутација Идентитет Сајбер криминал Кориснички профил Компјутер/лаптоп Враќање на пристапот Враќање на системот Кривична пријава

ДОКСИНГ (DOXXING)

Јавно откривање лични информации за жртвата, како што се домашната адреса, семејниот статус, банкарските и деталите од кредитната картичка, датумот на раѓање итн. Сите овие информации може да се објавуваат на една или на повеќе различни платформи, било во делот за коментари, било преку видео или текст.

Без разлика на тоа дали обелоденетите податоци се користат за вознемирување или не, самиот чин на неовластено објавување податоци се квалификува како доксинг и се смета за вид напад преку интернет. Кога доксингот доведува до непосредна опасност за безбедноста, тука е членот 144 од Кривичниот законик (Загрозување на сигурноста), којшто може да обезбеди правна заштита. Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирање на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава. Оваа можност е особено релевантна за новинарките, затоа што ваквите обвинувања предвидуваат и построги санкции.

СОВЕТ: Објаснете ѝ на полицијата детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и на најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судски постапки. Во определени ситуации, може да биде корисно да се обратите и до Агенцијата за заштита на лични податоци.

Според член 149 од Кривичниот законик, тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Документирајте го секој случај и локација на која се објавени вашите лични податоци и поднесете ги овие докази во полиција.

Веднаш пријавете доксинг и секакво друго неовластено објавување лични податоци на веб-локациите или на платформите каде што се објавени, како и на полицијата.

Интересирајте се редовно за она што сте го пријавиле за да бидете сигурни дека оние кои треба ќе одговорат. Итното делување е од клучна важност за да се спречи понатамошно ширење на вашите лични податоци на интернет.

На телефонот исклучете ги опциите за следење на локацијата, Google Maps и другите апликации што собираат ваши чувствителни податоци (локација, адреса, итн.).

Ставете строги контроли за приватност на вашите профили на социјалните мрежи и системи за автентикација во два чекори за сите најавувања на веб-локации кои ги чуваат вашите чувствителни податоци.

Разговарајте со луѓе на кои им верувате – колеги, пријатели, работодавци. Побарајте од полицијата да ја предупреди платформата да ги отстрани вашите лични податоци и користете механизми за пријавување што се достапни на самите веб-страници и на платформата.

Алатката DeleteMe ви помага во пронаоѓањето и отстранувањето на чувствителни податоци на интернет.

Ако некогаш имате чувство дека насилството кое го доживувате преку интернет е можно да премине и во физичкиот свет, веднаш повикајте полиција!

Дигитални докази Лозинка Резервен профил Дигитална хигиена Телефон/таблет Локација Пријава на платформата Протекување на податоци Репутација Безбедност Сексуално вознемирување Идентитет Кориснички профил Компјутер/лаптоп Кривична пријава

ЛАЖНО ПРИЈАВУВАЊЕ

Злоупотреба на механизми за пријавување (reporting) или означување (flagging), или лажни тврдења за кршење авторски права или други прекршувања на условите за користење или на правилата и прописите на социјалните мрежи, со цел блокирање, суспендирање или спречување поголемо дигитално учество.

Слично на тролањето, тешко е лажното пријавување да се квалификува како кривично дело. Напротив, тоа се смета за злоупотреба на внатрешните механизми за пријавување на социјалните мрежи. За жал, многу е тешко да се најде решение за овој проблем, бидејќи механизмите за пријавување обично користат автоматизирани системи кои често не успеваат да понудат соодветна помош.

Тешко е да се бориме против лажното пријавување. Фејсбук и Твитер нудат помош за повторно активирање на сметките кои биле затворени поради лажно пријавување. За жал, овие платформи бавно реагираат на овој конкретен проблем, а отворањето нова сметка генерално е побрзо решение.

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Оштетување Тактика Кориснички профил

ОДМАЗДА ПРОТИВ ПОДДРЖУВАЧИТЕ

Пријателите, семејството, соработниците, колегите, работодавците, па дури и сведоците на злоупотребата е можно да бидат цел на ист или на сличен начин како и првичната жртва.

Одмаздата може да има многу појавни форми, па така може да се поврзе со различни кривични дела. Доколку нападот резултира со загрозување на безбедноста, соодветна правна основа за заштита може да обезбеди членот 144 од Кривичниот законик. Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирање на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава. Оваа можност е особено релевантна за новинарките, затоа што ваквите обвинувања предвидуваат и построги санкции.

СОВЕТ: Објаснете детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и на најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судски постапки.

Проценете дали нападот може да се оквалификува како прекршок, закана, вознемирување, доксинг, лажно обвинување или друга форма на дигитален напад. Идентификувањето на видот на нападот врз основа на обвиненијата кои се определени во Кривичниот законик може да ги зголеми вашите шанси за успех кога станува збор за пристап до правна заштита.

Покрај големиот број механизми за заштита, уште една корисна стратегија за спротивставување на нападот е јавно да се повика и да се осуди нападот без директно да се идентификува или да се именува сторителот. Ако се одлучите за оваа тактика, проценете го ризикот и продолжете да ги документирате проблематичните одговори, особено ако тие се клеветнички по природа. Бидете опкружени со пријателите, со семејството и со колегите: бројноста ја прави безбедноста.

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Телефон/таблет Локација Пријава на платформата Безбедност Поддршка Компјутер/лаптоп Кривична пријава