Искање


Означено з Дигитални докази x Тактика x Cloud x Safety x Encryption x Browser x

КЛЕВЕТЕЊЕ И ПОНИЖУВАЊЕ

Под клеветење и понижување се подразбира секое вулгарно изразување, пцовки и употреба на тон што значи непочитување на личното достоинство, угледот и/или положбата во општеството. Може да се користат и слики, видеа, мемиња и гифови за да се предизвика понижување или посрамотување.

Секој човек има различни нивоа на толеранција, па затоа границата помеѓу клеветата и критиката честопати е недоволно јасна. Јавните личности, особено политичарите кои ја претставуваат пошироката јавност, мора да покажат повисоко ниво на толеранција кон критиката. Од друга страна, новинарите и оние кои се застапуваат за човековите права имаат поширок праг на толеранција во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права и со праксата на Европскиот суд за човекови права.

Новинарките, активистките и политичарките е поверојатно дека ќе бидат цел на клевета и понижување отколку нивните машки колеги. Навредата по основа на родовата припадност и на родовиот идентитет е механизам што се користи за замолчување и е препознаен како форма на родово базирано насилство и, како таков, е јавно осуден. https://twitter.com/UNESCO/status/1140888153928196096

Посебна заштита и препознавање на родово базираното насилство се овозможува преку ратификацијата на Истанбулската конвенција, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

Доколку сте цел на некаков вид дигитално насилство, ве повикуваме да побарате помош од оние кои ве разбираат вас и вашите чувства и од институциите. Оддалечете се некое време од оние места каде што го доживувате вознемирувањето и замолете ги луѓето на кои им верувате да ги проверат вашите сметки, е-поштата и да ве информираат за тоа каква е сега состојбата со нападот или да ви помогнат да ја документирате злоупотребата.

Дигитални докази Репутација Тактика Поддршка Новинар/ка Јавен службеник

ЛАЖНО ПРИЈАВУВАЊЕ (FALSE REPORTING)

Злоупотреба на механизмите за пријавување (reporting) или означување (flagging), лажни тврдења за кршење авторски права или други прекршувања на условите за користење или на правилата и прописите на социјалните мрежи, со цел блокирање, суспендирање или спречување поголемо дигитално учество.

Повторното преземање контрола врз нашите онлајн профили честопати е тежок процес. Постапките за жалба во случај на суспензија на повеќе социјални мрежи се скапи – како во смисла на времето, така и во смисла на ресурсите. Дури и кога жалбите ќе бидат успешни, оние кои лажно пријавиле на самиот почеток ја постигнале целта – да не бидете присутни на интернет-просторот определен временски период.

Најпознатиот случај на лажно пријавување во Србија (поради прекршување на условите и услугите на социјалната мрежа) е суспендирањето на официјалниот профил на Народниот правобранител на Србија на YouTube:

https://resursi.sharefoundation.info/sr/resource/kako-mreze-ureduju-javni-prostor-youtube-protiv-ombudsmana/

Дигитални докази Пријава на платформата Тактика Идентитет Притисок

КЛЕВЕТЕЊЕ И ПОНИЖУВАЊЕ

Вулгарно изразување, пцовки и употреба на тон што значи непочитување на личното достоинство, угледот и/или положбата во општеството. Може да се користат и слики, видеа, мемиња и гифови за да се предизвика понижување или посрамотување.

Клеветата и навредата, според измените на кривичното законодавство пред десетина години, во Република Северна Македонија не претставуваат кривично дело, освен ако не станува збор за навреда на државни симболи и слично ( Повреда на угледот на Република Македонија во Член 178, Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците во член 179, Повреда на угледот на странска држава во член 181, Повреда на угледот на меѓународна организација во член 182 и Исклучување на одговорност за кривичните дела од членовите 178, 179, 181 и 182 во член 182-а кој предвидува дека за кривичните дела од членовите 178, 179, 181 и 182 исклучена е одговорноста за новинар при вршење новинарска професија, како и за други лица доколку изнесеното понижувачко мислење е дадено во одбрана на слободата за јавно изразување на мислата или на други права, или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, или со искрена намера или увереност во добронамерноста на неговото мислење).

Одговорноста за навреда е регулирана со член 6 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со којшто се предвидува дека „за навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед. Одговорност за навреда постои и ако со такво дејствие се омаловажува угледот на правно лице, група лица или умрено лице. За навреда сторена преку средство за јавно информирање (весници, магазини и друг печат, програми на радиото и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други форми на уреднички обликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно се емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност), можат да одговараат авторот на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице“. Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и за надоместување штета за навреда. Издавачот, уредникот или лицето што го заменува во средството за јавно информирање и правното лице кое го издава средството за јавно информирање, за навреда сторена од новинарот во тоа средство кој е автор на изјавата, одговараат врз начелото на претпоставена одговорност. На идентичен начин со истиот закон е регулирана и одговорноста за навреда преку член 8, којшто гласи: „За клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити. Одговорност за клевета постои и ако невистинитото тврдење содржи факти штетни за угледот на правно лице, група лица или умрено лице. Ако изнесувањето или пронесувањето невистинити тврдења за факти е сторено преку средство за јавно информирање (весници, магазини и друг печат, програми на радиото и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други форми на уреднички обликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно се емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност), за клевета можат да одговараат авторот на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице.“ Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и за надоместување штета за клевета. Тужениот е должен да ја докажува вистинитоста на фактите содржани во тврдењето. Тужениот кој ќе ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во неговата вистинитост нема да одговара за клевета.

По исклучок, товарот на докажување паѓа врз тужителот кој, како носител на јавна функција, има законска должност да даде објаснување за конкретни факти кои најнепосредно се поврзани или се од значење за вршењето на неговата функција, ако тужениот докаже дека имал основани причини за изнесување тврдење што е од јавен интерес. Притоа, не е дозволено докажување на вистинитоста на факти кои се однесуваат на приватниот живот на тужителот, освен ако изнесувањето такви факти не е сторено во научно, книжевно или уметничко дело, во сериозна критика, во вршење службена должност, новинарска професија, политичка или друга општествена дејност, во одбрана на слободата на јавното изразување, на мислата или на други права, или при заштита на јавен интерес. Ако клеветата се состои во јавно префрлање на друг дека сторил кривично дело или дека е осуден за такво дело, одговорноста е исклучена ако изјавата е дадена во јавен интерес и ако лицето кое ја дало ќе ја докаже нејзината вистинитост или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на таквите факти. Притоа, за новинарски стории, се гарантира заштитата на изворот на информацијата како стандард на новинарската професија, односно законот предвидува дека: „Од тужениот новинар или друго физичко лице кое професионално врши дејност на информирање на јавноста, во постапката за граѓанска одговорност за навреда или клевета, според овој закон, не може да се бара да го открие својот таен извор на информации за фактите кои е должен да ги докажува“.

Покрај евентуалната досуда на материјална штета во вакви случаи, страната чиј интерес е повреден има право на демант и корекција во медиумот, односно според законот, ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување. Средството за јавно информирање го објавува демантот, одговорот или исправката во рок од два дена од доставувањето на барањето, во првиот нареден број, ако станува збор за периодични изданија, или во друго средство за јавно информирање, ако станува збор за непериодична публикација. Демантот, одговорот или исправката се објавува на истото место или време и во ист обем, како и информацијата на која се реагира (наслов, наднаслов, поднаслов, текст во пишани средства за јавно информирање или интернет-страница, најава во информативна програма, прилог).
Важно е притоа да се нагласи дека, во согласност со легислативата на Република Северна Македонија, електронските медиуми не подлежат на Законот за медиуми, што остава широк простор за толкување околу границите на слободата на изразување.

Исто така, целосно направете проценка на ситуацијата пред да започнете судска постапка, за да бидете сигурна дека лоша шега или остра критика не се сметаат за прекршок. Доколку судот одлучи така, исходот може да биде негативен за странката која го отпочнала случајот.

Ако го знаете идентитетот на сторителот, имате можност да барате отштета пред граѓански суд, иако во ваква постапка не можеме да се потпреме на поддршка од полицијата. Граѓанска парница може да се отпочне со тужба, а ако судот одлучи во ваша корист, тоа може да резултира со надомест на штета во материјална форма во согласност со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Проценка на ризикот е корисна алатка со која може да се оцени потенцијалното дело – кога се случило, зошто и од кого? На пример, ако објавите статија во врска со чувствително прашање во општеството, оваа алатка може да помогне во управувањето со ризикот – ќе оцените кои групи или поединци би можеле негативно да реагираат на статијата. Важно е да не се прикријат, интернализираат или нормализираат ваквите дела.

Изберете реакција со која и вие ќе се чувствувате безбедно и ќе ја намалите можноста за нанесување понатамошна штета, документирајте ги (или побарајте од семејството и пријателите да ги направат тоа) сите дејствија на клевета/понижување и информирајте се повеќе во врска со дигиталната безбедност, односно со механизмите за делумна заштита на социјалните мрежи.

Дигитални докази Пријава на платформата Блокирање на корисникот Репутација Тактика Кривична пријава

ЛАЖНО ПРИЈАВУВАЊЕ

Злоупотреба на механизми за пријавување (reporting) или означување (flagging), или лажни тврдења за кршење авторски права или други прекршувања на условите за користење или на правилата и прописите на социјалните мрежи, со цел блокирање, суспендирање или спречување поголемо дигитално учество.

Слично на тролањето, тешко е лажното пријавување да се квалификува како кривично дело. Напротив, тоа се смета за злоупотреба на внатрешните механизми за пријавување на социјалните мрежи. За жал, многу е тешко да се најде решение за овој проблем, бидејќи механизмите за пријавување обично користат автоматизирани системи кои често не успеваат да понудат соодветна помош.

Тешко е да се бориме против лажното пријавување. Фејсбук и Твитер нудат помош за повторно активирање на сметките кои биле затворени поради лажно пријавување. За жал, овие платформи бавно реагираат на овој конкретен проблем, а отворањето нова сметка генерално е побрзо решение.

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Оштетување Тактика Кориснички профил