Ресетирање на лозинката (password)
Во случај да имате проблем со пристапот до вашата сметка (account), а притоа сте сигурни дека точно ја внесувате лозинката (проверете, исто така, дали е притиснат CAPS LOCK и кој јазик е одбран на тастатурата), може да ја ресетирате лозинката. Кај повеќето платформи и онлајн услуги ова може да се направи со кликнување на линкот на којшто пишува „Ја заборавивте лозинката?“ (Forgot your password?) или нешто слично, а којшто се наоѓа на страната за најавување (login) на сметката.
Следете ги упатствата на страницата „Ја заборавивте лозинката“ и проверете дали имате пристап до адресата на е-поштата/телефонскиот број што сте ги користеле за да ја креирате вашата сметка. Ако немате пристап до оваа е-пошта или телефонски број, тогаш ќе треба да ја користите резервната сметка (backup account), доколку давателот на услугата ја поддржува таа опција. Во спротивно, можно е трајно да останете без пристап до вашата сметка.
Најчесто, давателот на услугата ќе ви испрати линк или шифра за ресетирање лозинка, и тоа преку е-пошта или со користење други средства за комуникација. Ова ќе ви овозможи да креирате нова лозинка за сметката. Оттогаш понатаму, ќе ја користите новата лозинка за пристап до вашата сметка.
Лозинка Резервен профил Дигитална хигиена Кориснички профил Враќање на пристапот