Искање


Означено з Репутација x Дигитални докази x Ιστοσελίδα x Brauzer x Reputacija x

КЛЕВЕТЕЊЕ И ПОНИЖУВАЊЕ

Под клеветење и понижување се подразбира секое вулгарно изразување, пцовки и употреба на тон што значи непочитување на личното достоинство, угледот и/или положбата во општеството. Може да се користат и слики, видеа, мемиња и гифови за да се предизвика понижување или посрамотување.

Секој човек има различни нивоа на толеранција, па затоа границата помеѓу клеветата и критиката честопати е недоволно јасна. Јавните личности, особено политичарите кои ја претставуваат пошироката јавност, мора да покажат повисоко ниво на толеранција кон критиката. Од друга страна, новинарите и оние кои се застапуваат за човековите права имаат поширок праг на толеранција во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права и со праксата на Европскиот суд за човекови права.

Новинарките, активистките и политичарките е поверојатно дека ќе бидат цел на клевета и понижување отколку нивните машки колеги. Навредата по основа на родовата припадност и на родовиот идентитет е механизам што се користи за замолчување и е препознаен како форма на родово базирано насилство и, како таков, е јавно осуден. https://twitter.com/UNESCO/status/1140888153928196096

Посебна заштита и препознавање на родово базираното насилство се овозможува преку ратификацијата на Истанбулската конвенција, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

Доколку сте цел на некаков вид дигитално насилство, ве повикуваме да побарате помош од оние кои ве разбираат вас и вашите чувства и од институциите. Оддалечете се некое време од оние места каде што го доживувате вознемирувањето и замолете ги луѓето на кои им верувате да ги проверат вашите сметки, е-поштата и да ве информираат за тоа каква е сега состојбата со нападот или да ви помогнат да ја документирате злоупотребата.

Дигитални докази Репутација Тактика Поддршка Новинар/ка Јавен службеник

ОДМАЗНИЧКА ПОРНOГРАФИЈА

Одмаздничката порнографија се дефинира како објавување сексуално експлицитни содржини без согласност, а со намера за понижување, посрамување или уцена. Одмазничката порнографија претставува кршење на приватноста и може да доведе до исклучително тешка емоционална траума.

Дури и ако содржината е создадена со согласност, таа согласност мора да биде јасно дадена за објавување на снимката или за нејзина дистрибуција преку интернет.

Без оглед на медиумот (видеоснимка, слики или гиф) – само чинот на објавување содржина за која нема согласност може да се смета за одмаздничка порнографија бидејќи личноста која е цел на злоупотреба во никој случај не е виновна: не постои оправдување за насилството. Ако сте цел на некаков вид дигитално насилство, ве повикуваме да побарате поддршка од вашите мрежи за поддршка – првенствено од пријателите, од семејството, кои можат да ве разберат вас и вашите чувства. Одвојте време да се оддалечите од местата каде што го доживувате вознемирувањето и замолете ги луѓето на кои им верувате да ги проверат вашите сметки, е-пошта и да ве информираат за состојбата со нападот или да ви помогнат да соберете дигитални докази.

Една новинарка од Азербејџан е снимена тајно како има сексуални односи во својот дом. Ова видео подоцна беше објавено во медиумите и се рашири преку интернет. Европскиот суд за човекови права подоцна утврди дека се прекршени правото на приватност и слободата на изразување на новинарката. Ова беше првиот случај од ваков вид со којшто јасно беше воспоставена врската помеѓу приватноста и слободата на изразување.

Скандалот што ја тресеше Северна Македонија подолго време беше обзнанет откако неколку девојки се решија случајот да го пријават во полиција и да побараат институционална заштита. Сè започна со канал наречен „Јавна соба“, отворен на „Телеграм“, каде што се споделувале приватни фотографии, како и фотографии и податоци од социјалните мрежи со несоодветни коментари, со детали од приватниот живот и со телефонски броеви на многу девојки, дел од кои и малолетни. Една година откако полицијата ја блокираше првата група, се појавија три нови групи. Мрежата „Телеграм” стана дувло во кое членовите споделуваат порнографски фотографии и видеа, имиња, адреси, телефонски броеви и профили на социјалните мрежи. Бројот на членови во неа брои над 6.200 и во неа се споделени околу 10.000 фотографии и видеа. Девојка на возраст од 22 години од внатрешноста на земјата се обратила до некои од медиумите, откако нејзин пријател ја предупредил дека во групата биле објавени една нејзина фотографија од Фејсбук и уште две експлицитни од девојка која наликувала на неа. Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица на возраст од 32 и 21 година, кои се товарат за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија, предвидено во член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. По низа протести и притисок на јавноста, беа донесени повеќе пресуди за различни кривични дела .

Дигитални докази Дигитална хигиена Репутација Безбедност Поддршка Сексуално вознемирување Порнографија Страв

МАНИПУЛАЦИЈА СО ИДЕНТИТЕТОТ

Манипулацијата со идентитетот или злоупотребата на личните податоци е сериозна закана, која потенцијално има далекусежни последици.

Постојат разни форми на манипулација со идентитет и измами со користење незаконско собирање податоци, како што се, на пример, протекување податоци, хакирање бази на податоци и остатоци (dumps) од информации.

Најчестите причини за манипулација со идентитетот се кражба на податоците, лажно претставување и прикривање криминални активности.

Дигитални докази Дигитална хигиена Оштетување Репутација Идентитет

ДОКСИНГ (DOXXING)

Јавно откривање лични информации за жртвата, како што се домашната адреса, семејниот статус, банкарските и деталите од кредитната картичка, датумот на раѓање, но и и приватна кореспонденција, лични засрамувачки приказни, криминална историја и озборувања. Сите овие информации може да се објавуваат на една или повеќе различни платформи, било во делот за коментари, било преку видео или текст.

Самата природа на доксингот не бара објавените информации да се користат со цел да ѝ се нанесат некакви последици на жртвата, туку едноставниот чин на објавување чувствителни информации (чие ширење може да има реперкусии врз лицето чии информации се објавени) испраќа јасна порака за заплашување и вознемирување, со што се издвојува од обичното откривање или злоупотребата на податоци.

Важно е насилството преку социјалните мрежи да се пријави, бидејќи секогаш има можност објавените податоци да се отстранат и/или сторителот да биде блокиран. Важно е да се пријави постоење навредлива содржина бидејќи тоа е начин за документирање и за собирање докази кои ќе бидат потребни за понатамошна полициска истрага и судска постапка, а секогаш постои можност содржината да биде отстранета и/или сторителот да биде блокиран. Доколку е потребно, побарајте од семејството и пријателите да го преземат известувањето и комуникацијата со платформите.

Најважно е да се грижите за самите себе и да ги признаете своите чувства, дури и ако тоа значи неколку дена да лежите во кревет, без да правите ништо.

Секогаш постои и опцијата да се оддалечите од социјалните мрежи на одреден временски период, но со оглед на тоа колку сме сите зависни од нив, ова е многу полесно да се каже отколку да се направи. Обидете се да го ограничите времето што го поминувате на овие платформи и, наместо тоа, да комуницирате со луѓе на кои им верувате во затворени групи.

Проверете го OnLine SoS за да се информирате подетално за дополнителни средства за заштита што може да ги користите.

Дигитални докази Дигитална хигиена Вознемирување Репутација Безбедност Сексуално вознемирување Новинар/ка Идентитет

КЛЕВЕТЕЊЕ И ПОНИЖУВАЊЕ

Вулгарно изразување, пцовки и употреба на тон што значи непочитување на личното достоинство, угледот и/или положбата во општеството. Може да се користат и слики, видеа, мемиња и гифови за да се предизвика понижување или посрамотување.

Клеветата и навредата, според измените на кривичното законодавство пред десетина години, во Република Северна Македонија не претставуваат кривично дело, освен ако не станува збор за навреда на државни симболи и слично ( Повреда на угледот на Република Македонија во Член 178, Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците во член 179, Повреда на угледот на странска држава во член 181, Повреда на угледот на меѓународна организација во член 182 и Исклучување на одговорност за кривичните дела од членовите 178, 179, 181 и 182 во член 182-а кој предвидува дека за кривичните дела од членовите 178, 179, 181 и 182 исклучена е одговорноста за новинар при вршење новинарска професија, како и за други лица доколку изнесеното понижувачко мислење е дадено во одбрана на слободата за јавно изразување на мислата или на други права, или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, или со искрена намера или увереност во добронамерноста на неговото мислење).

Одговорноста за навреда е регулирана со член 6 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со којшто се предвидува дека „за навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед. Одговорност за навреда постои и ако со такво дејствие се омаловажува угледот на правно лице, група лица или умрено лице. За навреда сторена преку средство за јавно информирање (весници, магазини и друг печат, програми на радиото и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други форми на уреднички обликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно се емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност), можат да одговараат авторот на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице“. Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и за надоместување штета за навреда. Издавачот, уредникот или лицето што го заменува во средството за јавно информирање и правното лице кое го издава средството за јавно информирање, за навреда сторена од новинарот во тоа средство кој е автор на изјавата, одговараат врз начелото на претпоставена одговорност. На идентичен начин со истиот закон е регулирана и одговорноста за навреда преку член 8, којшто гласи: „За клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити. Одговорност за клевета постои и ако невистинитото тврдење содржи факти штетни за угледот на правно лице, група лица или умрено лице. Ако изнесувањето или пронесувањето невистинити тврдења за факти е сторено преку средство за јавно информирање (весници, магазини и друг печат, програми на радиото и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други форми на уреднички обликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно се емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност), за клевета можат да одговараат авторот на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице.“ Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и за надоместување штета за клевета. Тужениот е должен да ја докажува вистинитоста на фактите содржани во тврдењето. Тужениот кој ќе ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во неговата вистинитост нема да одговара за клевета.

По исклучок, товарот на докажување паѓа врз тужителот кој, како носител на јавна функција, има законска должност да даде објаснување за конкретни факти кои најнепосредно се поврзани или се од значење за вршењето на неговата функција, ако тужениот докаже дека имал основани причини за изнесување тврдење што е од јавен интерес. Притоа, не е дозволено докажување на вистинитоста на факти кои се однесуваат на приватниот живот на тужителот, освен ако изнесувањето такви факти не е сторено во научно, книжевно или уметничко дело, во сериозна критика, во вршење службена должност, новинарска професија, политичка или друга општествена дејност, во одбрана на слободата на јавното изразување, на мислата или на други права, или при заштита на јавен интерес. Ако клеветата се состои во јавно префрлање на друг дека сторил кривично дело или дека е осуден за такво дело, одговорноста е исклучена ако изјавата е дадена во јавен интерес и ако лицето кое ја дало ќе ја докаже нејзината вистинитост или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на таквите факти. Притоа, за новинарски стории, се гарантира заштитата на изворот на информацијата како стандард на новинарската професија, односно законот предвидува дека: „Од тужениот новинар или друго физичко лице кое професионално врши дејност на информирање на јавноста, во постапката за граѓанска одговорност за навреда или клевета, според овој закон, не може да се бара да го открие својот таен извор на информации за фактите кои е должен да ги докажува“.

Покрај евентуалната досуда на материјална штета во вакви случаи, страната чиј интерес е повреден има право на демант и корекција во медиумот, односно според законот, ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување. Средството за јавно информирање го објавува демантот, одговорот или исправката во рок од два дена од доставувањето на барањето, во првиот нареден број, ако станува збор за периодични изданија, или во друго средство за јавно информирање, ако станува збор за непериодична публикација. Демантот, одговорот или исправката се објавува на истото место или време и во ист обем, како и информацијата на која се реагира (наслов, наднаслов, поднаслов, текст во пишани средства за јавно информирање или интернет-страница, најава во информативна програма, прилог).
Важно е притоа да се нагласи дека, во согласност со легислативата на Република Северна Македонија, електронските медиуми не подлежат на Законот за медиуми, што остава широк простор за толкување околу границите на слободата на изразување.

Исто така, целосно направете проценка на ситуацијата пред да започнете судска постапка, за да бидете сигурна дека лоша шега или остра критика не се сметаат за прекршок. Доколку судот одлучи така, исходот може да биде негативен за странката која го отпочнала случајот.

Ако го знаете идентитетот на сторителот, имате можност да барате отштета пред граѓански суд, иако во ваква постапка не можеме да се потпреме на поддршка од полицијата. Граѓанска парница може да се отпочне со тужба, а ако судот одлучи во ваша корист, тоа може да резултира со надомест на штета во материјална форма во согласност со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Проценка на ризикот е корисна алатка со која може да се оцени потенцијалното дело – кога се случило, зошто и од кого? На пример, ако објавите статија во врска со чувствително прашање во општеството, оваа алатка може да помогне во управувањето со ризикот – ќе оцените кои групи или поединци би можеле негативно да реагираат на статијата. Важно е да не се прикријат, интернализираат или нормализираат ваквите дела.

Изберете реакција со која и вие ќе се чувствувате безбедно и ќе ја намалите можноста за нанесување понатамошна штета, документирајте ги (или побарајте од семејството и пријателите да ги направат тоа) сите дејствија на клевета/понижување и информирајте се повеќе во врска со дигиталната безбедност, односно со механизмите за делумна заштита на социјалните мрежи.

Дигитални докази Пријава на платформата Блокирање на корисникот Репутација Тактика Кривична пријава

ЗЛОУПОТРЕБА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ (IDENTITY MANIPULATION)

Манипулацијата со идентитетот или злоупотребата на личните податоци претставува сериозна закана која има потенцијално далекусежни последици. Без разлика дали цел е самото лице чии лични податоци се злоупотребени или некој друг, штетата може да биде непроценлива.

Поради сложеноста и различните појавни форми на оваа категорија на напади, тешко е да се одреди правната основа која нуди најсоодветна заштита. Во случај на измама сторена со користење компјутер што му припаѓа на друго лице, а која резултира со материјална или финансиска корист за сторителот, може да се поднесе кривична пријава според член 251-б (Компјутерска измама) или злоупотреба на лични податоци – чл. 149.

Доколку случајот на злоупотреба на личните податоци доведе до психолошка повреда или штета врз угледот или достоинството, тогаш може да се бара компензација преку граѓански правни процедури. Пред да се отпочне ваква тужба, неопходно е да се знае идентитетот на сторителот и да се обезбедат докази кои го потврдуваат тврдењето дека е направена злоупотреба на идентитетот (личните податоци) и дека е предизвикана штета.

Злоупотребата на личните податоци најчесто оди рака под рака со финансиска измама и кражба преку интернет. Постојат различни начини на кои можете да се заштитите од овие нешта: ограничете го износот на пари што може да се префрли на друга сметка, или што може одеднаш да се извади од банкомат, користете најмалку двофакторски систем за најавување во однос на вашите финансиски лозинки и уништувајте ги старите банкарски и други картички кои содржат чувствителни податоци.

Доколку сте жртва на злоупотреба на лични податоци, информирајте ја полицијата што е можно поскоро, известете ги финансиските институции или веб-страниците каде што имате сметки и привремено блокирајте ги засегнатите банкарски сметки и/или картички.

Навремената проценка на ризикот и дигиталната хигиена се важни средства за превенција и заштита.

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Телефон/таблет Оштетување Репутација Идентитет Сајбер криминал Кориснички профил Компјутер/лаптоп Враќање на пристапот Враќање на системот Кривична пријава

БОМБАРДИРАЊЕ НА GOOGLE (GOOGLE BOMBING)

Станува збор за намерно оптимизирање неточни и злонамерни информации на самите интернет-пребарувачи (т.е., на Google), со цел да се нанесе штета врз достоинството и угледот на жртвата.

Казнено-правниот систем експлицитно не го забранува ова дело, ниту го карактеризира како кривично дело. Од техничка гледна точка, бомбардирањето на Google не подразбира злоупотреба или манипулација со лични податоци. Напротив, тоа се смета за злоупотреба на самиот пребарувач (Google). Во одредени случаи, овој вид напад може да се гони врз основа на неовластен пристап до компјутер, компјутерска мрежа или електронска обработка, односно како Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем (член 251 од Кривичниот законик). Во овој конкретен случај, треба да се поднесе кривична пријава до полицијата, која ќе ги содржи и собраните докази (слика од екранот од резултатите од пребарувањето, анализа на оптимизацијата на пребарувањето итн.).

За претрпена штета во однос на угледот и достоинството, може да се бара компензација преку граѓанска правна постапка која се поведува преку тужба. Пред да се отпочне ваква тужба, неопходно е да се знае идентитетот на сторителот, како и доказите што го потврдуваат тврдењето дека постои злоупотреба на личните податоци и дека е предизвикана штета.

Со оглед на тоа дека алатките за менување на алгоритмите на пребарувачот се широко достапни, речиси секој може да ги менува резултатите во пребарувањето. Поради ова, мошне е тешко да спречите или да се заштитите од бомбардирање на Google.

Google има развиено екстензија за својот пребарувач – Google Meet Bomb Guard , која им овозможува на корисниците да ги блокираат сите учесници кои не биле поканети, како и генеричките сметки отворени на gmail од страна на организираните групи на Google Meet.

Погледнете ги и другите екстензии за пребарувачи што се достапни, а што може да помогнат во спречувањето на овој вид напад.

Дигитални докази Дигитална хигиена Претражувач Оштетување Пријава на платформата Репутација

ДОКСИНГ (DOXXING)

Јавно откривање лични информации за жртвата, како што се домашната адреса, семејниот статус, банкарските и деталите од кредитната картичка, датумот на раѓање итн. Сите овие информации може да се објавуваат на една или на повеќе различни платформи, било во делот за коментари, било преку видео или текст.

Без разлика на тоа дали обелоденетите податоци се користат за вознемирување или не, самиот чин на неовластено објавување податоци се квалификува како доксинг и се смета за вид напад преку интернет. Кога доксингот доведува до непосредна опасност за безбедноста, тука е членот 144 од Кривичниот законик (Загрозување на сигурноста), којшто може да обезбеди правна заштита. Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирање на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава. Оваа можност е особено релевантна за новинарките, затоа што ваквите обвинувања предвидуваат и построги санкции.

СОВЕТ: Објаснете ѝ на полицијата детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и на најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судски постапки. Во определени ситуации, може да биде корисно да се обратите и до Агенцијата за заштита на лични податоци.

Според член 149 од Кривичниот законик, тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Документирајте го секој случај и локација на која се објавени вашите лични податоци и поднесете ги овие докази во полиција.

Веднаш пријавете доксинг и секакво друго неовластено објавување лични податоци на веб-локациите или на платформите каде што се објавени, како и на полицијата.

Интересирајте се редовно за она што сте го пријавиле за да бидете сигурни дека оние кои треба ќе одговорат. Итното делување е од клучна важност за да се спречи понатамошно ширење на вашите лични податоци на интернет.

На телефонот исклучете ги опциите за следење на локацијата, Google Maps и другите апликации што собираат ваши чувствителни податоци (локација, адреса, итн.).

Ставете строги контроли за приватност на вашите профили на социјалните мрежи и системи за автентикација во два чекори за сите најавувања на веб-локации кои ги чуваат вашите чувствителни податоци.

Разговарајте со луѓе на кои им верувате – колеги, пријатели, работодавци. Побарајте од полицијата да ја предупреди платформата да ги отстрани вашите лични податоци и користете механизми за пријавување што се достапни на самите веб-страници и на платформата.

Алатката DeleteMe ви помага во пронаоѓањето и отстранувањето на чувствителни податоци на интернет.

Ако некогаш имате чувство дека насилството кое го доживувате преку интернет е можно да премине и во физичкиот свет, веднаш повикајте полиција!

Дигитални докази Лозинка Резервен профил Дигитална хигиена Телефон/таблет Локација Пријава на платформата Протекување на податоци Репутација Безбедност Сексуално вознемирување Идентитет Кориснички профил Компјутер/лаптоп Кривична пријава