Искање


Означено з Пријава на платформата x Тактика x Ανάκτηση πρόσβασης x Υπάλληλος x Authentication x Fear x Safety x Media x

ЛАЖНО ПРИЈАВУВАЊЕ (FALSE REPORTING)

Злоупотреба на механизмите за пријавување (reporting) или означување (flagging), лажни тврдења за кршење авторски права или други прекршувања на условите за користење или на правилата и прописите на социјалните мрежи, со цел блокирање, суспендирање или спречување поголемо дигитално учество.

Повторното преземање контрола врз нашите онлајн профили честопати е тежок процес. Постапките за жалба во случај на суспензија на повеќе социјални мрежи се скапи – како во смисла на времето, така и во смисла на ресурсите. Дури и кога жалбите ќе бидат успешни, оние кои лажно пријавиле на самиот почеток ја постигнале целта – да не бидете присутни на интернет-просторот определен временски период.

Најпознатиот случај на лажно пријавување во Србија (поради прекршување на условите и услугите на социјалната мрежа) е суспендирањето на официјалниот профил на Народниот правобранител на Србија на YouTube:

https://resursi.sharefoundation.info/sr/resource/kako-mreze-ureduju-javni-prostor-youtube-protiv-ombudsmana/

Дигитални докази Пријава на платформата Тактика Идентитет Притисок

КЛЕВЕТЕЊЕ И ПОНИЖУВАЊЕ

Вулгарно изразување, пцовки и употреба на тон што значи непочитување на личното достоинство, угледот и/или положбата во општеството. Може да се користат и слики, видеа, мемиња и гифови за да се предизвика понижување или посрамотување.

Клеветата и навредата, според измените на кривичното законодавство пред десетина години, во Република Северна Македонија не претставуваат кривично дело, освен ако не станува збор за навреда на државни симболи и слично ( Повреда на угледот на Република Македонија во Член 178, Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците во член 179, Повреда на угледот на странска држава во член 181, Повреда на угледот на меѓународна организација во член 182 и Исклучување на одговорност за кривичните дела од членовите 178, 179, 181 и 182 во член 182-а кој предвидува дека за кривичните дела од членовите 178, 179, 181 и 182 исклучена е одговорноста за новинар при вршење новинарска професија, како и за други лица доколку изнесеното понижувачко мислење е дадено во одбрана на слободата за јавно изразување на мислата или на други права, или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, или со искрена намера или увереност во добронамерноста на неговото мислење).

Одговорноста за навреда е регулирана со член 6 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со којшто се предвидува дека „за навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед. Одговорност за навреда постои и ако со такво дејствие се омаловажува угледот на правно лице, група лица или умрено лице. За навреда сторена преку средство за јавно информирање (весници, магазини и друг печат, програми на радиото и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други форми на уреднички обликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно се емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност), можат да одговараат авторот на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице“. Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и за надоместување штета за навреда. Издавачот, уредникот или лицето што го заменува во средството за јавно информирање и правното лице кое го издава средството за јавно информирање, за навреда сторена од новинарот во тоа средство кој е автор на изјавата, одговараат врз начелото на претпоставена одговорност. На идентичен начин со истиот закон е регулирана и одговорноста за навреда преку член 8, којшто гласи: „За клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити. Одговорност за клевета постои и ако невистинитото тврдење содржи факти штетни за угледот на правно лице, група лица или умрено лице. Ако изнесувањето или пронесувањето невистинити тврдења за факти е сторено преку средство за јавно информирање (весници, магазини и друг печат, програми на радиото и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други форми на уреднички обликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно се емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност), за клевета можат да одговараат авторот на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице.“ Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и за надоместување штета за клевета. Тужениот е должен да ја докажува вистинитоста на фактите содржани во тврдењето. Тужениот кој ќе ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во неговата вистинитост нема да одговара за клевета.

По исклучок, товарот на докажување паѓа врз тужителот кој, како носител на јавна функција, има законска должност да даде објаснување за конкретни факти кои најнепосредно се поврзани или се од значење за вршењето на неговата функција, ако тужениот докаже дека имал основани причини за изнесување тврдење што е од јавен интерес. Притоа, не е дозволено докажување на вистинитоста на факти кои се однесуваат на приватниот живот на тужителот, освен ако изнесувањето такви факти не е сторено во научно, книжевно или уметничко дело, во сериозна критика, во вршење службена должност, новинарска професија, политичка или друга општествена дејност, во одбрана на слободата на јавното изразување, на мислата или на други права, или при заштита на јавен интерес. Ако клеветата се состои во јавно префрлање на друг дека сторил кривично дело или дека е осуден за такво дело, одговорноста е исклучена ако изјавата е дадена во јавен интерес и ако лицето кое ја дало ќе ја докаже нејзината вистинитост или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на таквите факти. Притоа, за новинарски стории, се гарантира заштитата на изворот на информацијата како стандард на новинарската професија, односно законот предвидува дека: „Од тужениот новинар или друго физичко лице кое професионално врши дејност на информирање на јавноста, во постапката за граѓанска одговорност за навреда или клевета, според овој закон, не може да се бара да го открие својот таен извор на информации за фактите кои е должен да ги докажува“.

Покрај евентуалната досуда на материјална штета во вакви случаи, страната чиј интерес е повреден има право на демант и корекција во медиумот, односно според законот, ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување. Средството за јавно информирање го објавува демантот, одговорот или исправката во рок од два дена од доставувањето на барањето, во првиот нареден број, ако станува збор за периодични изданија, или во друго средство за јавно информирање, ако станува збор за непериодична публикација. Демантот, одговорот или исправката се објавува на истото место или време и во ист обем, како и информацијата на која се реагира (наслов, наднаслов, поднаслов, текст во пишани средства за јавно информирање или интернет-страница, најава во информативна програма, прилог).
Важно е притоа да се нагласи дека, во согласност со легислативата на Република Северна Македонија, електронските медиуми не подлежат на Законот за медиуми, што остава широк простор за толкување околу границите на слободата на изразување.

Исто така, целосно направете проценка на ситуацијата пред да започнете судска постапка, за да бидете сигурна дека лоша шега или остра критика не се сметаат за прекршок. Доколку судот одлучи така, исходот може да биде негативен за странката која го отпочнала случајот.

Ако го знаете идентитетот на сторителот, имате можност да барате отштета пред граѓански суд, иако во ваква постапка не можеме да се потпреме на поддршка од полицијата. Граѓанска парница може да се отпочне со тужба, а ако судот одлучи во ваша корист, тоа може да резултира со надомест на штета во материјална форма во согласност со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Проценка на ризикот е корисна алатка со која може да се оцени потенцијалното дело – кога се случило, зошто и од кого? На пример, ако објавите статија во врска со чувствително прашање во општеството, оваа алатка може да помогне во управувањето со ризикот – ќе оцените кои групи или поединци би можеле негативно да реагираат на статијата. Важно е да не се прикријат, интернализираат или нормализираат ваквите дела.

Изберете реакција со која и вие ќе се чувствувате безбедно и ќе ја намалите можноста за нанесување понатамошна штета, документирајте ги (или побарајте од семејството и пријателите да ги направат тоа) сите дејствија на клевета/понижување и информирајте се повеќе во врска со дигиталната безбедност, односно со механизмите за делумна заштита на социјалните мрежи.

Дигитални докази Пријава на платформата Блокирање на корисникот Репутација Тактика Кривична пријава

ГОВОР НА ОМРАЗА

Вербалните напади врз основа на расната, верската и етничката припадност, сексуалната ориентација и родовиот идентитет, или врз основа на политичката и синдикалната припадност, или врз основа на други идентитети или карактеристики, како што се возраста или економската положба, може да ги опишеме како говор на омраза.

Не постои законски прифатена дефиниција за говорот на омраза, но консензусот за тоа што сè претставува говор на омраза е прилично широк. Според член 319 од Кривичниот законик, санкционирано е секое предизвикување и поттикнување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа. Во согласност со член 394-г, тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години. Во согласност со член 407-а од Кривичниот закон, посебно кривично дело е одобрување или оправдување геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства.

Членот 417 од Кривичниот законик забранува дискриминација заснована не само врз расата, туку и врз бојата на кожата, верската, националната или етничката припадност и врз основа на личната карактеристика и припадност. Тој што врз основа на разлика на полот, расата, бојата на кожа, родот, припадноста на маргинализирана група, етничката припадност, јазикот, државјанството, социјалното потекло, религијата или верското уверување, други видови уверувања, образованието, политичката припадност, личниот или општествениот статус, менталната или телесната попреченост, возраста, семејната или брачната состојба, имотниот статус, здравствената состојба, или која било друга основа предвидено со закон или со ратификуван меѓународен договор ги повредува основните човекови права и слободи признати од страна на меѓународната заедница, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. Со член 26, 27 и 28 од Кривичниот закон се предвидуваат посебни одредби за кривичната одговорност за кривични дела сторени преку средствата за јавно информирање.

Овој член исто така забранува објавување текстови и материјали кои пропагираат дискриминација, заговор и насилство врз поединци или групи кои им припаѓаат на овие заштитени категории.

Говорот на омраза е регулиран и со правилата за медиумска саморегулација и со Кодексот на новинарите на Македонија, исто така е забранет според Законот за медиуми, а припадниците на медиумите и на медиумските организации можат да бидат казнети за говор на омраза во граѓански судски постапки.

СОВЕТ: Поднесете пријава и побарајте од полицијата и обвинителот да отворат истрага.

Освен документација, можете да пријавите говор на омраза и на самата платформа или социјална мрежа, бидејќи сите тоа јасно го забрануваат во своите услови за користење.

Доколку говорот на омраза е објавен на интернет (на веб-локација или медиумска платформа), може да побарате, преку е-пошта или директно преку платформата, отстранување на оваа содржина.

Пријава на платформата Репутација Тактика Безбедност Кривична пријава

ЛАЖНИ ОБВИНУВАЊА

Како резултат на нееднаквата распределба на моќта, лажните обвинувања, дури и ако се докажат дека се невистинити, имаат потенцијал да му нанесат сериозна и трајна штета на угледот на обвинетиот.

Овој вид напад може да се смета и за форма на притисок врз слободата на изразување и во овој случај е тешко да се обезбеди заштита.

Доколку лажното обвинување резултира со загрозување на сигурноста, постои заштита во членот 144 од Кривичниот законик. Во таков случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита.

СОВЕТ: Објаснете детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судски постапки.

За претрпена штета во однос на угледот и достоинството, може да се бара компензација преку граѓанска правна постапка која се поведува преку тужба. Пред да се отпочне ваква тужба, неопходно е да се знае идентитетот на сторителот, како и доказите што го потврдуваат тврдењето дека постои злоупотреба на лични податоци и дека е предизвикана штета.

Документирајте како лажните обвинувања ви нанеле штета. Доколку тие обвинувања се објавени на интернет, побарајте од веб-страницата или од платформата да ги отстрани тие информации.

Ако објавената содржина е преобемна за да можеме да ја собереме, замолете ги вашите пријатели и семејството да ви помогнат во документирањето на лажните обвинувања, како и во тоа да ги пријавите на самите веб-локации или на платформите.

Јавното коментирање или обвинувањата се уште еден начин за справување со нападот, но сепак направете определена прелиминарна проценка на ризикот за да го процените потенцијалот од негативни реакции и од дополнително засилување на лажните обвинувања.

Оштетување Пријава на платформата Репутација Тактика Поддршка Медиуми Кривична пријава