Искање


Означено з Безбедност x Dëmi x Safety x Reputation x Harassment x Journalists x

TOR и VPN

Интернетот вообичаено ни дава лажно чувство на анонимност, иако повеќето корисници ќе ви речат дека единственото нешто што постои е лажна анонимност. Речиси секој може да биде идентификуван на интернет според својата IP-адреса , која е единствениот идентификатор што вашиот давател на интернет-услуга (ISP) ви го доделува за да можете да се поврзете на интернет.

Сепак, има алатки кои можат да ви помогнат да ја маскирате вашата вистинска IP-адреса и со тоа да обезбедите дополнителен слој на заштита за вашиот идентитет на интернет. Ова може да се постигне со користење на услугите на прелистувачот Tor Browser или со виртуелна приватна мрежа (Virtual Private Network - VPN).

Tor прелистувачот е бесплатен софтвер со отворен код којшто е приспособен за работа со мрежата на Tor. Се заснова на Mozilla Firefox, го шифрира сообраќајот додека работите на интернет (прелистувате) и ви дава нов идентитет, т.е. нова IP-адреса. Исто така е особено корисен за пристап до веб-локации кои се блокирани на вашата мрежа. Има и некои недостатоци, бидејќи мрежата на Tor генерално е бавна кога се работи на интернет и идентитетот на корисниците може да се открие доколку тие не го користат Tor на правилен начин.

Виртуелна приватна мрежа (VPN) е услуга која им овозможува на корисниците да се поврзат на интернет преку приватна мрежа, со обезбедување дополнителен енкриптиран слој на приватност и со маскирање на вистинската IP-адреса на корисникот. Постојат голем број даватели на VPN-услуги, но корисниците сепак треба да внимаваат и да бидат свесни за евентуалните аспекти поврзани со безбедноста, како што се:

  • Законодавството, односно во која земја се наоѓа компанијата која обезбедува VPN услуги. Генерално, треба да се избегнуваат земјите кои се членки на сојузот за масовно набљудување (mass surveillance alliance) наречен „Пет очи“ (Five Eyes) (тоа се САД, Обединетото Кралство, Канада, Нов Зеланд, Австралија);

  • Политиката да не се чуваат траги (логови – logs), што значи дека давателот на VPN не го евидентира интернет-сообраќајот што сте го направиле преку неговата мрежа;

  • Редовните независни контроли (ревизии) на безбедноста, кои обично се документираат на веб-страницата на давателот на VPN-услугата;

  • Цената – некои VPN-услуги се мошне скапи, но треба да бидете внимателни и во однос на VPN-апликациите кои се целосно бесплатни, бидејќи е речиси сигурно дека нивниот бизнис-модел се заснова врз следење на корисниците. Во секој случај, има некои даватели на платени услуги кои секако нудат бесплатни планови, но со ограничени можности, како што се помали брзини и помал број на сервери.

IP адреса Дигитална хигиена Претражувач Апликации Енкрипција Протекување на податоци Безбедност

Добри безбедносни практики

Без разлика што правите на интернет, секогаш треба да ги следите добрите безбедносни практики кои генерално се применуваат:

  • Бидете внимателни со вашите лични податоци;

  • Почитувајте ја приватноста на другите на интернет;

  • Преземајте (download) датотеки и инсталирајте софтвер само од познати и сигурни извори;

  • Редовно ажурирајте го целиот софтвер и оперативниот систем на вашите уреди за да го намалите ризикот од напади;

  • Користете уникатни и сложени лозинки и безбедно чувајте ги во програми за менаџирање со лозинки;

  • Воведете автентикација (најава) на повеќе нивоа во однос на вашите сметки на интернет секогаш кога е можно;

  • Користете софтвер за антивирус/антималвер;

  • Шифрирајте сè што можете да шифрирате (енкрипција);

  • Ако користите јавен компјутер, водете сметка да не оставите никакви траги зад себе;

  • Ако вашиот USB флеш-уред којшто бил користен на јавен или на незаштитен компјутер, скенирајте го уште еднаш со софтвер за антивирус/антималвер пред да го користите. Генерално, се препорачува преносните уреди, на пр. USB флеш-уреди или надворешни хард дискови, да се скенираат секогаш кога ќе се поврзат на компјутер;

  • Имајте ги предвид ризиците кои се составен дел од секоја ваша активност на интернет – приватноста не значи дека имате помала одговорност;

  • Барем набрзина прочитајте ги условите за користење/услугата пред да кликнете на „Прифаќам“.

Дигитална хигиена Телефон/таблет Протекување на податоци Безбедност Компјутер/лаптоп

Лоши безбедносни практики

Навиките тешко се менуваат, но треба да се потрудите да ги избегнете овие лоши практики во зачувувањето на безбедноста:

  • Никогаш не испраќајте лозинки, лични податоци, ниту финансиски информации преку е-пошта во вид на обичен текст;

  • Не пристапувајте до мрежи или до други системи за кои немате овластување, дури и ако некако сте добиле одредени податоци со кои можете да се најавите (корисничко име, лозинка). Ова не значи дека ви е дадено овластување да ги користите;

  • Не инсталирајте сомнителни додатоци и софтверски ажурирања;

  • Не кликајте на сомнителните линкови што сте ги добиле преку е-пошта, без разлика колку е интересна пораката;

  • Избегнувајте користење јавни или незаштитени компјутери;

  • Избегнувајте користење мобилни уреди на други луѓе;

  • Не пишувајте ги вашите лозинки на обично ливче! Аман, сериозно, немојте!

  • Не користете како лозинки имиња или датуми на раѓање на блиски лица;

  • Не оставајте ги вашите уреди без надзор и отклучени;

  • Не игнорирајте ги сомнителните активности – понекогаш е добро да бидете параноични;

  • Не користете пиратски софтвер. Ако не сакате да плаќате за софтвер, побарајте бесплатен софтвер или софтвер со отворен код;

  • Не живејте само во вашата комфорна зона. Понекогаш вреди да се вложат малку време и труд и да се научат основите за тоа како да се биде безбеден на интернет.

Дигитална хигиена Телефон/таблет Протекување на податоци Безбедност Компјутер/лаптоп

ВОЗНЕМИРУВАЊЕ

Станува збор за целни напади кои можат да траат неопределено време, со голем интензитет, и кои предизвикуваат штета така што намерно ја искористуваат ранливоста на жртвата. Вознемирувањето е напад врз човечкото достоинство, угледот и приватноста, со цел да се замолчи и/или да се ограничи дигиталното учество на жртвата.

Се работи за чадор (umbrella) термин којшто во себе опфаќа различни видови дела: од сексуално експлицитни закани до разни степени на нарушување на приватноста.

Самата поставеност на дигиталниот екосистем значи дека нападите може да потекнуваат од едно лице и од една платформа, но се шират преку дополнителни лица/сторители//платформи во вид на напад извршен од сајбертолпа (cyber mob). Вознемирувањето преку интернет, кога го забележуваме на една платформа, всушност, е многу пошироко распространето и, поради тоа, има потенцијал да има многу поголемо влијание.

Од огромна важност е да се признае фактот дека лицето кое е цел на злоупотреба на интернет не е воопшто виновно: не постои никакво оправдување за насилство. Ако сте цел на некаков вид дигитално насилство, ве повикуваме да побарате поддршка од вашите мрежи за поддршка – првенствено пријателите, семејството, кои можат да ве разберат вас и вашите чувства. Одвојте време да се оддалечите од местата каде што го доживувате вознемирувањето и замолете ги луѓето на кои им верувате да ги проверат вашите сметки, е-пошта и да ве информираат за состојбата со нападот или да ви помогнат да соберете дигитални докази.

Во случај на вознемирување од сајбертолпа (во вид на огромен број пораки, на повеќе платформи и преку повеќе канали на комуникација), емоционалната поддршка и практичната помош од пријателите и семејството е клучен елемент за враќање на чувството на безбедност. Исто така, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Mинистерството за внатрешни работи ги повикува граѓаните сите закани и вознемирувања во сајберпросторот да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата [email protected].

Најефикасни превентивни механизми се оние кои на безбедноста ѝ пристапуваат од сеопфатен аспект, што вклучува физички, мисловен и дигитален аспект (со главен акцент врз доследна дигитална хигиена). Сè додека дигиталната хигиена и сеопфатните принципи на безбедност не станат дел од рутинското работење, од клучно значење е постојано да се прави проценка на ризикот – на пример, да се процени некој потенцијален прекршок – кога се случил, зошто и од кого? Доколку е можно, побарајте од вашиот работодавач да ве поврзе со стручна помош, правен советник или застапување на суд, доколку е потребно.

Секогаш постои и опцијата да се оддалечите од социјалните мрежи на одреден временски период, но со оглед на тоа колку сме сите зависни од нив, ова е многу полесно да се каже отколку да се направи. Обидете се да го ограничите времето што го поминувате на овие платформи и, наместо тоа, да комуницирате со луѓе на кои им верувате во затворени групи. Најважно е да се грижите за самите себе и да ги признаете своите чувства, дури и ако тоа значи неколку дена да лежите во кревет, без да правите ништо.

Кога сметате дека сте подготвени, може да работите врз подобрување на вашата дигитална безбедност и дигитална хигиена. Види го водичот за безбедност на интернет Направи сам , како и ZEN и уметноста на тоа да направиме технологијата да работи за нас. Ако сте новинар, проверете го и курсот за заштита на интернет Totem . Ако сакате да дознаете повеќе, OnLine sos е одлично место од каде да се почне, како иFeminist frequency, која нуди детален преглед на разни механизми за самопомош.

Дигитални докази Дигитална хигиена Безбедност Поддршка Сексуално вознемирување Порнографија Страв Работодавач

ОДМАЗНИЧКА ПОРНOГРАФИЈА

Одмаздничката порнографија се дефинира како објавување сексуално експлицитни содржини без согласност, а со намера за понижување, посрамување или уцена. Одмазничката порнографија претставува кршење на приватноста и може да доведе до исклучително тешка емоционална траума.

Дури и ако содржината е создадена со согласност, таа согласност мора да биде јасно дадена за објавување на снимката или за нејзина дистрибуција преку интернет.

Без оглед на медиумот (видеоснимка, слики или гиф) – само чинот на објавување содржина за која нема согласност може да се смета за одмаздничка порнографија бидејќи личноста која е цел на злоупотреба во никој случај не е виновна: не постои оправдување за насилството. Ако сте цел на некаков вид дигитално насилство, ве повикуваме да побарате поддршка од вашите мрежи за поддршка – првенствено од пријателите, од семејството, кои можат да ве разберат вас и вашите чувства. Одвојте време да се оддалечите од местата каде што го доживувате вознемирувањето и замолете ги луѓето на кои им верувате да ги проверат вашите сметки, е-пошта и да ве информираат за состојбата со нападот или да ви помогнат да соберете дигитални докази.

Една новинарка од Азербејџан е снимена тајно како има сексуални односи во својот дом. Ова видео подоцна беше објавено во медиумите и се рашири преку интернет. Европскиот суд за човекови права подоцна утврди дека се прекршени правото на приватност и слободата на изразување на новинарката. Ова беше првиот случај од ваков вид со којшто јасно беше воспоставена врската помеѓу приватноста и слободата на изразување.

Скандалот што ја тресеше Северна Македонија подолго време беше обзнанет откако неколку девојки се решија случајот да го пријават во полиција и да побараат институционална заштита. Сè започна со канал наречен „Јавна соба“, отворен на „Телеграм“, каде што се споделувале приватни фотографии, како и фотографии и податоци од социјалните мрежи со несоодветни коментари, со детали од приватниот живот и со телефонски броеви на многу девојки, дел од кои и малолетни. Една година откако полицијата ја блокираше првата група, се појавија три нови групи. Мрежата „Телеграм” стана дувло во кое членовите споделуваат порнографски фотографии и видеа, имиња, адреси, телефонски броеви и профили на социјалните мрежи. Бројот на членови во неа брои над 6.200 и во неа се споделени околу 10.000 фотографии и видеа. Девојка на возраст од 22 години од внатрешноста на земјата се обратила до некои од медиумите, откако нејзин пријател ја предупредил дека во групата биле објавени една нејзина фотографија од Фејсбук и уште две експлицитни од девојка која наликувала на неа. Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица на возраст од 32 и 21 година, кои се товарат за кривично дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија, предвидено во член 193-а став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. По низа протести и притисок на јавноста, беа донесени повеќе пресуди за различни кривични дела .

Дигитални докази Дигитална хигиена Репутација Безбедност Поддршка Сексуално вознемирување Порнографија Страв

ДЕМНЕЊЕ (STALKING)

Процес на ревносно и постојано следење на нечија активност на интернет. Дефиницијата за демнење може да се примени секогаш, без разлика дали демначот или жртвата се познаваат лично или не. Со измените во Кривичниот закон (член 144-а) се предвидува дека „тој што повторено неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.“

Дигиталните траги, податоците и други показатели на нашето учество кои се појавуваат на социјалните мрежи и на други локации на интернет направија демнењето во дигиталниот простор да биде многу едноставна задача. Исто како и во физичкиот свет, последиците врз жртвата може да бидат различни и може да вклучуваат зголемено чувство на несигурност, страв и перцепција на нарушување на приватноста.

Цел на овој вид емоционално и ментално насилство преку интернет се голем број жени и LGBTQI лица. Дури и ако никогаш не го напушти дигиталниот простор, демнењето може да предизвика чувство на беспомошност и губење на контрола во приватниот живот. Посериозните случаи може да доведат со исклучително тешко чувство дека демначот е постојано присутен: насекаде и во секој момент.

Од огромна важност е да се признае фактот дека лицето кое е цел на злоупотреба на интернет не е воопшто виновно: не постои никакво оправдување за насилство. Ако сте цел на некаков вид дигитално насилство, ве повикуваме да побарате поддршка од вашите мрежи за поддршка – првенствено од пријателите, од семејството, од оние кои можат да ве разберат вас и вашите чувства. Одвојте време да се оддалечите од местата каде што го доживувате вознемирувањето и замолете ги луѓето на кои им верувате да ги проверат вашите сметки, е-пошта и да ве информираат за состојбата со нападот или да ви помогнат да соберете дигитални докази.

Најважно е да се грижите за самите себе и да ги признаете своите чувства, дури и ако тоа значи неколку дена да лежите во кревет, без да правите ништо. Секогаш постои и опцијата да се оддалечите од социјалните мрежи на одреден временски период, но со оглед на тоа колку сме сите зависни од нив, ова е многу полесно да се каже отколку да се направи. Обидете се да го ограничите времето што го поминувате на овие платформи и, наместо тоа, да комуницирате со луѓе на кои им верувате во затворени групи.

Исто така, можете да работите врз подобрување на вашата дигитална безбедност – видете го, на пример, водичот за безбедност на интернет Направи сам , како и ZEN и уметноста на тоа да направиме технологијата да работи за нас.

Дигитални докази Дигитална хигиена Безбедност Сексуално вознемирување Страв

ЗАКАНИ

Загрозување на физичката и емоционалната безбедност и благосостојба преку повикување за насилство врз одредена личност или група луѓе, вклучувајќи и закани за силување и други форми на родово базирано насилство.

Премногу често се случува онлајн заканите да резултираат со физичко насилство во реалниот свет врз личност, врз група или со оштетување материјални добра или простории. Дополнително, овие физички напади може да не потекнуваат од истото лице кое се заканува преку интернет. Наместо тоа, заканите преку интернет можат да инспирираат и да поттикнат и други лица да извршат физичко насилство, особено на Балканот, каде што се користат за поттикнување нетрпеливост, дискриминација и национализам.

За корисниците на социјалните мрежи на Балканот, значаен проблем претставуваат заканите, говорот на омраза и повиците за директно насилство врз бегалците од Африка и од Блискиот Исток. При еден таков инцидент во Белград, којшто беше пренесуван во живо преку Фејсбук, еден млад човек удри со својот автомобил во Центар за прифаќање мигранти во периферните населби.

Постојат одредени мерки што можете да ги преземете за да го намалите ризикот; на пример, можете да ја подобрите вашата дигитална хигиена. Видете го водичот за безбедност на интернет Направи сам , како и ZEN и уметноста на тоа да направиме технологијата да работи за нас.

Дигитални докази Дигитална хигиена Безбедност Сексуално вознемирување Страв

ДОКСИНГ (DOXXING)

Јавно откривање лични информации за жртвата, како што се домашната адреса, семејниот статус, банкарските и деталите од кредитната картичка, датумот на раѓање, но и и приватна кореспонденција, лични засрамувачки приказни, криминална историја и озборувања. Сите овие информации може да се објавуваат на една или повеќе различни платформи, било во делот за коментари, било преку видео или текст.

Самата природа на доксингот не бара објавените информации да се користат со цел да ѝ се нанесат некакви последици на жртвата, туку едноставниот чин на објавување чувствителни информации (чие ширење може да има реперкусии врз лицето чии информации се објавени) испраќа јасна порака за заплашување и вознемирување, со што се издвојува од обичното откривање или злоупотребата на податоци.

Важно е насилството преку социјалните мрежи да се пријави, бидејќи секогаш има можност објавените податоци да се отстранат и/или сторителот да биде блокиран. Важно е да се пријави постоење навредлива содржина бидејќи тоа е начин за документирање и за собирање докази кои ќе бидат потребни за понатамошна полициска истрага и судска постапка, а секогаш постои можност содржината да биде отстранета и/или сторителот да биде блокиран. Доколку е потребно, побарајте од семејството и пријателите да го преземат известувањето и комуникацијата со платформите.

Најважно е да се грижите за самите себе и да ги признаете своите чувства, дури и ако тоа значи неколку дена да лежите во кревет, без да правите ништо.

Секогаш постои и опцијата да се оддалечите од социјалните мрежи на одреден временски период, но со оглед на тоа колку сме сите зависни од нив, ова е многу полесно да се каже отколку да се направи. Обидете се да го ограничите времето што го поминувате на овие платформи и, наместо тоа, да комуницирате со луѓе на кои им верувате во затворени групи.

Проверете го OnLine SoS за да се информирате подетално за дополнителни средства за заштита што може да ги користите.

Дигитални докази Дигитална хигиена Вознемирување Репутација Безбедност Сексуално вознемирување Новинар/ка Идентитет

ОДМАЗДА КОН ПОДДРЖУВАЧИТЕ

Пријателите, семејството, соработниците, колегите, работодавците, па дури и сведоците на злоупотребата е можно да бидат цел на ист или сличен начин како и првичната жртва.

На овој начин, сторителот ги уништува или се обидува да ги поткопа постоечките мрежи на поддршка. Како последица на тоа, првичната жртва е изложена на дополнително вознемирување, при што вината за тоа што ѝ се случува сега се наметнува и врз пријателите и семејството, што доведува до појава на дополнителни чувства на изолација и вознемиреност.

За време на нападот и потоа, лицата кои се предмет на насилство често им се обраќаат на своите пријатели и на семејството, како и до места каде што можат отворено да зборуваат за тоа што им се случува и да обезбедат поддршка. Колку и да е важна поддршката од семејството и пријателите, понекогаш дури и добронамерниот совет може да ја постави вината за вознемирувањето врз жртвата. Да не заборавиме дека само сторителот е тој што е одговорен за тоа што ѝ ги право на жртвата. Вашите пријатели и семејството исто така може да ви помогнат да ја евидентирате и да ја следите злоупотребата на интернет и да го следите вашиот профил на социјалните мрежи и на каналите за онлајн комуникација.

За повеќе информации во врска со механизмите за поддршка, за проценка на ризикот и друго:види тука .

Често се случува поддржувачите и случајните минувачи кои ја бранат главната жртва, во многу случаи новинари и активисти, да бидат, всушност, вклучени во организиран напад, било заедно или поединечно.

Дигитални докази Дигитална хигиена Вознемирување Безбедност Сексуално вознемирување Притисок

ВОЗНЕМИРУВАЊЕ (опис)

Станува збор за насочени напади без оглед на тоа колку време траат, кои имаат висок интензитет, предизвикуваат штета и намерно ја искористуваат ранливоста. Вознемирувањето е напад на човечкото достоинство, угледот и приватноста, со цел да се замолчи и/или да се ограничи дигиталното присуство и учество на жртвата.

Лозинка Автентикација Резервен профил Дигитална хигиена Телефон/таблет Енкрипција Малвер Локација Пријава на платформата Блокирање на корисникот Безбедност Поддршка Сексуално вознемирување Компјутер/лаптоп Кривична пријава

ИНСТИТУЦИОНАЛНА ЗАШТИТА

Со оглед на тоа дека вознемирувањето има повеќе облици и форми, тоа може да биде пријавено како повеќе различни кривични дела.

Секусалното вознемирување е препознаено во македонскиот кривичен закон како полово вознемирување; во согласност со член 190-а, окарактеризирано е како кривично дело сторено од секој кој „со вербално, невербално или физичко дејство, како и преку користење електронски средства за комуникација кое имаат директно или индиректно, реално или симболично значење на наведување, непристојна понуда, намамување, изразување сексуална страст или друго дејство кое јасно потсетува на сексуален однос или други со него изедначени сексуални дејства, и со тоа ќе го повреди неговото достоинство, предизвикувајќи чувство на непријатност, навреденост, понижување или страв“ и за него е предвидено парична казна или затвор до една година. Во случај на полово вознемирување, пријавете го случајот кај полицијата и кај јавниот обвинител на понатамошна постапка. Исто така, постојат различи граѓански организации кои овозможуваат поддршка и помош на жртвите, а некои од нив се регистрирани и за давање бесплатна правна помош.

Доколку вознемирувањето се случува онлајн, алармирајте го и секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи преку [email protected]

СОВЕТ: Поднесете пријава до полицијата и до надлежниот јавен обвинител. Судовите се клучната компонента кога станува збор за заштита од вознемирување.

Загрозувањето на сигурноста, што е една од многуте последици од вознемирувањето, според чл. 144 од Кривичниот законик, дава уште една правна основа за заштита. Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита.

СОВЕТ: Објаснете детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судските постапки.

Лозинка Автентикација Резервен профил Дигитална хигиена Телефон/таблет Енкрипција Малвер Локација Пријава на платформата Блокирање на корисникот Безбедност Поддршка Сексуално вознемирување Компјутер/лаптоп Кривична пријава

ДРУГ НАЧИН НА ЗАШТИТА

Ризикот дека вознемирувањето преку интернет може да премине и во физичкиот свет е секогаш присутен. Поради тоа, физичката безбедност е клучен предуслов за секој друг начин на соодветна заштита. Во однос на умствената заштита, понекогаш е добро, едноставно, да се одморите или да го сведете на минимум времето поминато на социјалните мрежи или на оние платформи за комуникација каде што сте цел на вознемирување. Разговорот со пријателите, со семејството, со соработниците и колегите, како и со стручни лица за поддршка – бесплатни телефонски линии, психолози, социјални работници и други начини, може да бидат исто така корисни во создавањето систем на поддршка во врска со вознемирувањето.

Опциите за блокирање, филтрирање и пријавување на социјалните мрежи често може да бидат корисна алатка со кои се документира вознемирувањето.

Алатката DeleteMe ви помага во пронаоѓањето и отстранувањето на вашите лични податоци од определени веб-локации.

Уште еден метод за справување со вознемирувањето е барањето поддршка од професионалните здруженија и од групите за поддршка.

Постојат и истражувачки новинари и нивни мрежи кои ги пронаоѓаат сторителите на вознемирувањето преку интернет така што прават анализа на нивниот дигитален отпечаток (дигитална трага – footprint). Ова е ефикасен механизам не само за идентификација на сторителите, туку и за изложување во јавноста на самите нив и на нивните дела.

Ако некогаш имате чувство дека насилството кое го доживувате преку интернет е можно да премине и во физичкиот свет, веднаш повикајте полиција!

Лозинка Автентикација Резервен профил Дигитална хигиена Телефон/таблет Енкрипција Малвер Локација Пријава на платформата Блокирање на корисникот Безбедност Поддршка Сексуално вознемирување Компјутер/лаптоп Кривична пријава

ОДМАЗНИЧКА ПОРНОГРАФИЈА

Одмаздничката порнографија се дефинира како објавување сексуално експлицитни содржини без согласност, а со намера за понижување, посрамување или уцена. Одмазничката порнографија претставува кршење на приватноста и може да доведе до исклучително тешка емоционална траума.

Одмаздничката порнографија е сериозен облик на напад и, како таков, од клучно значење е ваквите случаи да се пријават во полиција и до јавниот обвинител. Постојат неколку кривични дела кои можат да се користат како правна основа за кривично гонење за објавување одмаздничка порно снимка.

Сексуално вознемирување (чл. 193 и 418 од Кривичниот законик): поднесување предлог за поведување постапка е предусловот за нејзино започнување. Тоа значи дека вие мора да ги известите полицијата и јавниот обвинител (стандардна постапка), како и да поднесете предлог за поведување на постапката.

Неовластено прислушување и тонско снимање (чл. 151 од Кривичниот законик), неовластено фотографирање (чл. 152), неовластено објавување и прикажување туѓи текстови, фотографии и снимки (чл. 26, 27, 148 ,152 и 157 од Кривичниот законик, како и Закон за авторско право и сродни права) се другите основи кои се однесуваат на нелегални снимки и кои може да се користат за гонење случаи во кои видеото е снимено без согласност, дури и ако не е објавено на интернет. Овие постапки се подразбираат како кривична пријава поднесена од приватно лице, што значи дека вие, страната која поднесува, мора да го прикажете идентитетот на сторителот доколку ви е познат и да приложите колку што може повеќе детали и докази (на пример, каде се чуваат снимките, каде можела да биде поставена камерата за време на снимањето и сл.).

Вашата физичка безбедност има највисок приоритет кога станува збор за заштитата.

Документирајте ги сите снимки, коментари, закани и други форми на вознемирување бидејќи се суштински доказ за придвижување механизми за заштита и/или судски постапки.

Побарајте поддршка од граѓански организации, мрежи за поддршка на жени и други субјекти кои можат да ви помогнат да го изберете најдобриот начин да се заштитите.

Пријавете ги сите снимки, коментари, закани и други форми на вознемирување на платформите каде што се објавени и информирајте се повеќе за постапките за отстранување (take down) на Фејсбук и на други платформи.

И не заборавајте, дури и ако првично сте дале согласност за снимање, тоа не значи согласност и за споделување на таа содржина. Вие не сте виновни што сте жртва на ваков напад.

Ако некогаш имате чувство дека насилството кое го доживувате преку интернет е можно да премине и во физичкиот свет, веднаш повикајте полиција!

Лозинка Автентикација Резервен профил Дигитална хигиена Телефон/таблет Енкрипција Локација Пријава на платформата Репутација Безбедност Поддршка Сексуално вознемирување Порнографија Компјутер/лаптоп Кривична пријава

ЗАКАНИ

Станува збор за загрозување на физичката и емоционалната безбедност и благосостојба преку повикување за насилство врз одредена личност или група луѓе. Ова вклучува и закани за силување и други форми на родово базирано насилство.

Заканата е сериозен облик на напад и треба итно да се решава за да може што поскоро да се спречи нејзиното „прелевање“ во физичкиот свет. Секоја закана пријавете ја во полиција и до јавниот обвинител.

Бидејќи заканите честопати предизвикуваат страв и несигурност, член 144 од Кривичниот законик (Загрозување на сигурноста) обезбедува соодветна правна основа за придвижување механизми за заштита.

Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирањето на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава.

СОВЕТ: Објаснете детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и на најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судски постапки. Доколку чувствувате психолошки притисок, побарајте и стручна помош, како и извештај од стручно лице – психијатриски вештак.

Освен што заканите ќе ги пријавите во полицијата и на дигиталните платформи, известете го исто така и вашиот работодавец и документирајте ги.

Ако сте во можност, заштитете го вашето ментално здравје така што ќе се одморите од социјалните мрежи, особено од оние места што можат да предизвикаат дополнителен стрес или страв за личната безбедност. Формирајте мрежа за поддршка која може да преземе на себе дел од работата за документирање на заканите. Уште еднаш – приоритет број еден секогаш треба да биде вашата физичка безбедност и ако некогаш почувствувате дека насилството преку интернет што го доживувате е можно да се „прелее“ во физичкиот свет, веднаш повикајте полиција!

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Телефон/таблет Малвер Пријава на платформата Безбедност Сексуално вознемирување Новинар/ка Страв Медиуми Компјутер/лаптоп Кривична пријава

ДЕМНЕЊЕ

Процес на ревносно и постојано следење нечија активност на интернет. Дефиницијата за демнење може да се примени секогаш, без разлика дали демначот или жртвата се познаваат лично или не. Дигиталните траги, податоците и други показатели на нашето учество кои се појавуваат на социјалните мрежи и други локации на интернет направија демнењето во дигиталниот простор да биде многу едноставна задача. Исто како и во физичкиот свет, последиците врз жртвата може да бидат различни и може да вклучуваат зголемено чувство на несигурност, страв и перцепција на нарушување на приватноста.

Демнењето во Кривичниот законик е идентификувано како кривично дело (чл. 144-а). Сепак, членот пропишува дека, за да претставува демнење, инцидентот (инцидентите) мора да се случуваат одреден временски период. Интензитетот на демнењето и последиците што ги чувствува жртвата не се од суштинска важност, но судот може да ги земе предвид во текот на кривичната постапка.

Доколку инциденцата/инциденците на следењето не го задоволат времето кое е предвидено во членот 144-а од Кривичниот законик, членот 144 (Загрозување на безбедноста) може исто така да понуди заштита од активности кои резултираат со страв за личната безбедност и предвидуваат построги санкции доколку е жртвата дете.

Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирањето на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава.

Во денешно време е многу лесно да се прави приватно следење на јавниот дигитален број со користење на повеќе различни методи. Поради ова, важно е да проверите кај вашите уреди (телефони, компјутери, паметни звучници/ѕвончиња итн.) дали опциите (на пр., локацијата, нагодувањата за приватност) се заштитени на најдобар можен начин (исклучување на следење на локацијата, строго нагодување за приватност) и се ограничени во нивната можност да споделуваат приватни податоци.

Како и кај сите видови напад, жртвите на следење треба да ги известат своите пријатели, семејството, партнерите и колегите за вознемирувањето, со цел да имаат поширока мрежа на поддршка. Ако демнењето на интернет се „прелее“ во физичкиот свет, веднаш треба да ја известите полицијата и да побарате заштита.

Овие ресурси содржат повеќе информации за тоа како да ја подобрите вашата дигитална безбедност.

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Телефон/таблет Локација Безбедност Поддршка Идентитет Компјутер/лаптоп Кривична пријава Пратење

ГОВОР НА ОМРАЗА

Вербалните напади врз основа на расната, верската и етничката припадност, сексуалната ориентација и родовиот идентитет, или врз основа на политичката и синдикалната припадност, или врз основа на други идентитети или карактеристики, како што се возраста или економската положба, може да ги опишеме како говор на омраза.

Не постои законски прифатена дефиниција за говорот на омраза, но консензусот за тоа што сè претставува говор на омраза е прилично широк. Според член 319 од Кривичниот законик, санкционирано е секое предизвикување и поттикнување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа. Во согласност со член 394-г, тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години. Во согласност со член 407-а од Кривичниот закон, посебно кривично дело е одобрување или оправдување геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства.

Членот 417 од Кривичниот законик забранува дискриминација заснована не само врз расата, туку и врз бојата на кожата, верската, националната или етничката припадност и врз основа на личната карактеристика и припадност. Тој што врз основа на разлика на полот, расата, бојата на кожа, родот, припадноста на маргинализирана група, етничката припадност, јазикот, државјанството, социјалното потекло, религијата или верското уверување, други видови уверувања, образованието, политичката припадност, личниот или општествениот статус, менталната или телесната попреченост, возраста, семејната или брачната состојба, имотниот статус, здравствената состојба, или која било друга основа предвидено со закон или со ратификуван меѓународен договор ги повредува основните човекови права и слободи признати од страна на меѓународната заедница, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години. Со член 26, 27 и 28 од Кривичниот закон се предвидуваат посебни одредби за кривичната одговорност за кривични дела сторени преку средствата за јавно информирање.

Овој член исто така забранува објавување текстови и материјали кои пропагираат дискриминација, заговор и насилство врз поединци или групи кои им припаѓаат на овие заштитени категории.

Говорот на омраза е регулиран и со правилата за медиумска саморегулација и со Кодексот на новинарите на Македонија, исто така е забранет според Законот за медиуми, а припадниците на медиумите и на медиумските организации можат да бидат казнети за говор на омраза во граѓански судски постапки.

СОВЕТ: Поднесете пријава и побарајте од полицијата и обвинителот да отворат истрага.

Освен документација, можете да пријавите говор на омраза и на самата платформа или социјална мрежа, бидејќи сите тоа јасно го забрануваат во своите услови за користење.

Доколку говорот на омраза е објавен на интернет (на веб-локација или медиумска платформа), може да побарате, преку е-пошта или директно преку платформата, отстранување на оваа содржина.

Пријава на платформата Репутација Тактика Безбедност Кривична пријава

ДОКСИНГ (DOXXING)

Јавно откривање лични информации за жртвата, како што се домашната адреса, семејниот статус, банкарските и деталите од кредитната картичка, датумот на раѓање итн. Сите овие информации може да се објавуваат на една или на повеќе различни платформи, било во делот за коментари, било преку видео или текст.

Без разлика на тоа дали обелоденетите податоци се користат за вознемирување или не, самиот чин на неовластено објавување податоци се квалификува како доксинг и се смета за вид напад преку интернет. Кога доксингот доведува до непосредна опасност за безбедноста, тука е членот 144 од Кривичниот законик (Загрозување на сигурноста), којшто може да обезбеди правна заштита. Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирање на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава. Оваа можност е особено релевантна за новинарките, затоа што ваквите обвинувања предвидуваат и построги санкции.

СОВЕТ: Објаснете ѝ на полицијата детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и на најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судски постапки. Во определени ситуации, може да биде корисно да се обратите и до Агенцијата за заштита на лични податоци.

Според член 149 од Кривичниот законик, тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Документирајте го секој случај и локација на која се објавени вашите лични податоци и поднесете ги овие докази во полиција.

Веднаш пријавете доксинг и секакво друго неовластено објавување лични податоци на веб-локациите или на платформите каде што се објавени, како и на полицијата.

Интересирајте се редовно за она што сте го пријавиле за да бидете сигурни дека оние кои треба ќе одговорат. Итното делување е од клучна важност за да се спречи понатамошно ширење на вашите лични податоци на интернет.

На телефонот исклучете ги опциите за следење на локацијата, Google Maps и другите апликации што собираат ваши чувствителни податоци (локација, адреса, итн.).

Ставете строги контроли за приватност на вашите профили на социјалните мрежи и системи за автентикација во два чекори за сите најавувања на веб-локации кои ги чуваат вашите чувствителни податоци.

Разговарајте со луѓе на кои им верувате – колеги, пријатели, работодавци. Побарајте од полицијата да ја предупреди платформата да ги отстрани вашите лични податоци и користете механизми за пријавување што се достапни на самите веб-страници и на платформата.

Алатката DeleteMe ви помага во пронаоѓањето и отстранувањето на чувствителни податоци на интернет.

Ако некогаш имате чувство дека насилството кое го доживувате преку интернет е можно да премине и во физичкиот свет, веднаш повикајте полиција!

Дигитални докази Лозинка Резервен профил Дигитална хигиена Телефон/таблет Локација Пријава на платформата Протекување на податоци Репутација Безбедност Сексуално вознемирување Идентитет Кориснички профил Компјутер/лаптоп Кривична пријава

ОДМАЗДА ПРОТИВ ПОДДРЖУВАЧИТЕ

Пријателите, семејството, соработниците, колегите, работодавците, па дури и сведоците на злоупотребата е можно да бидат цел на ист или на сличен начин како и првичната жртва.

Одмаздата може да има многу појавни форми, па така може да се поврзе со различни кривични дела. Доколку нападот резултира со загрозување на безбедноста, соодветна правна основа за заштита може да обезбеди членот 144 од Кривичниот законик. Во овој случај, јавните обвинители и полицијата имаат мандат да следат, да истражуваат и да бидат одговорни за давање заштита. Како странка која поднесува, вие сте одговорни за собирање на доказите што се потребни за поднесување кривична пријава. Оваа можност е особено релевантна за новинарките, затоа што ваквите обвинувања предвидуваат и построги санкции.

СОВЕТ: Објаснете детално како, зошто и кога се чувствувате небезбедно и детално објаснете зошто сте загрижени за безбедноста на вашето семејство и на најблиските. Овие податоци би можеле да бидат клучни за успех во судски постапки.

Проценете дали нападот може да се оквалификува како прекршок, закана, вознемирување, доксинг, лажно обвинување или друга форма на дигитален напад. Идентификувањето на видот на нападот врз основа на обвиненијата кои се определени во Кривичниот законик може да ги зголеми вашите шанси за успех кога станува збор за пристап до правна заштита.

Покрај големиот број механизми за заштита, уште една корисна стратегија за спротивставување на нападот е јавно да се повика и да се осуди нападот без директно да се идентификува или да се именува сторителот. Ако се одлучите за оваа тактика, проценете го ризикот и продолжете да ги документирате проблематичните одговори, особено ако тие се клеветнички по природа. Бидете опкружени со пријателите, со семејството и со колегите: бројноста ја прави безбедноста.

Дигитални докази Лозинка Автентикација Резервен профил Телефон/таблет Локација Пријава на платформата Безбедност Поддршка Компјутер/лаптоп Кривична пријава