Демнење

ДЕМНЕЊЕ (STALKING)

Процес на ревносно и постојано следење на нечија активност на интернет. Дефиницијата за демнење може да се примени секогаш, без разлика дали демначот или жртвата се познаваат лично или не. Со измените во Кривичниот закон (член 144-а) се предвидува дека „тој што повторено неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг или со него воспоставува или настојува да воспостави од него несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на користење на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање или други средства за комуникација, или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.“

Дигиталните траги, податоците и други показатели на нашето учество кои се појавуваат на социјалните мрежи и на други локации на интернет направија демнењето во дигиталниот простор да биде многу едноставна задача. Исто како и во физичкиот свет, последиците врз жртвата може да бидат различни и може да вклучуваат зголемено чувство на несигурност, страв и перцепција на нарушување на приватноста.

Цел на овој вид емоционално и ментално насилство преку интернет се голем број жени и LGBTQI лица. Дури и ако никогаш не го напушти дигиталниот простор, демнењето може да предизвика чувство на беспомошност и губење на контрола во приватниот живот. Посериозните случаи може да доведат со исклучително тешко чувство дека демначот е постојано присутен: насекаде и во секој момент.

Од огромна важност е да се признае фактот дека лицето кое е цел на злоупотреба на интернет не е воопшто виновно: не постои никакво оправдување за насилство. Ако сте цел на некаков вид дигитално насилство, ве повикуваме да побарате поддршка од вашите мрежи за поддршка – првенствено од пријателите, од семејството, од оние кои можат да ве разберат вас и вашите чувства. Одвојте време да се оддалечите од местата каде што го доживувате вознемирувањето и замолете ги луѓето на кои им верувате да ги проверат вашите сметки, е-пошта и да ве информираат за состојбата со нападот или да ви помогнат да соберете дигитални докази.

Најважно е да се грижите за самите себе и да ги признаете своите чувства, дури и ако тоа значи неколку дена да лежите во кревет, без да правите ништо. Секогаш постои и опцијата да се оддалечите од социјалните мрежи на одреден временски период, но со оглед на тоа колку сме сите зависни од нив, ова е многу полесно да се каже отколку да се направи. Обидете се да го ограничите времето што го поминувате на овие платформи и, наместо тоа, да комуницирате со луѓе на кои им верувате во затворени групи.

Исто така, можете да работите врз подобрување на вашата дигитална безбедност – видете го, на пример, водичот за безбедност на интернет Направи сам , како и ZEN и уметноста на тоа да направиме технологијата да работи за нас.

Дигитални докази Дигитална хигиена Безбедност Сексуално вознемирување Страв