Енкриптирање на разговор (чет)
Познато е дека податоците, како што се пораките и повиците, кај сервисите за испраќање пораки се складираат од трети субјекти и дека податоците се енкриптираат (шифрираат) само додека се во транзит, што може да биде проблем доколку е потребно да се обезбеди приватност во сите точки од комуникацијата. Енкриптирањето од крај до крај (E2EE) овозможува сите пораки и повици да бидат енкриптирани и приватни, вклучувајќи го и давателот на услугата за пораки. Испраќачот е едниот „крај“ на разговорот, а примачот е другиот „крај“, од каде и потекнува името „од крај до крај“. Тоа е исто како кога испраќате шифрирано писмо преку обична пошта, но никој не може да го прочита вашето писмо освен вие и лицето на кое сте го испратиле.
Една од придобивките на E2EE апликациите за разговор е тоа што можете лесно да се поврзете со вашите контакти без дополнителни чекори, како што се размена на јавни PGP клучеви за е-пошта. Следните апликации стандардно нудат енкриптирани разговори од крај до крај:
Signal е бесплатна апликација со отворен код што е развиена од независна непрофитна организација, што значи дека не содржи реклами или следачи. Некои од нејзините корисни функции се: пораки што исчезнуваат, достапна е за мобилни и за десктоп уреди, поддржува пристап преку прокси (ако Signal е блокиран во некоја земја).
Element е бесплатно решение за разговор со отворен код, развиено врз основа на Matrix - отворена мрежа за безбедна и децентрализирана комуникација. Некои од придобивките на Element се тоа што тој може самостојно да се хостира, добар е за имплементација во организации бидејќи е лесно скалабилен, а постојат и бесплатни и платени верзии.
WhatsApp е апликација бесплатна за користење, но и комерцијална. Достапна е на мобилни и десктоп уреди, како и на веб. WhatsApp е во сопственост на Meta - матична компанија на Facebook. Не дава чувство на приватност, бидејќи нејзиниот бизнис-модел се базира врз продажба на податоци од корисниците. Има некои корисни функции, како што е исчезнувањето пораки.