Моите податоци се заробени/заклучени со цел барање откуп (ransomware)
Еден од најголемите безбедносни проблеми и форми на сајбер-криминал во денешно време е рансомвер. Овој вид малициозен софтвер ги шифрира датотеките, така што не може да им се пристапи без клуч за дешифрирање.
Напаѓачите бараат уплата во крипто-валути, во замена за клучот за дешифрирање. Притоа, рокот за плаќање обично е краток, за да се изврши поголем притисок врз жртвата.
Проверете кои алатки за дешифрирање се достапни - Ако сте жртва на ваков напад, генерален совет е да не плаќате, бидејќи не постои гаранција дека навистина ќе го добиете точниот клуч за дешифрирање. Покрај тоа, плаќањата поттикнуваат дополнителни обиди за сајбер-криминал. Можете да се обидете да најдете алатка за дешифрирање врз основа на видот на нападот со рансомвер. На пример, No More Ransom е иницијатива што им овозможува на корисниците бесплатни алатки за дешифрирање на повеќе видови рансомвер. Најчесто цел на овие напади се големи компании, меѓутоа и поединците треба да бидат свесни за опасностите и за последиците.
Враќање податоци од резервната копија - Во зависност од тоа до кои податоци не можете да пристапите, треба да направите обид повторно да ги вратите датотеките од резервната копија. Водете сметка редовно да се прават резервни копии од вашите датотеки и да имате пристап до нив во случај тие да се чуваат на некоја од услугите што се базираат на облак (на пр. Proton Drive, Dropbox, Tresorit).
Обновување на системот (restore) – Доколку оперативниот систем на вашиот уред претрпи сериозно оштетување кое влијае врз неговото работење, препорачливо е да го вратите на последната конфигурација во која бил целосно функционален. Windows има опција System Restore, MacOS може да користи Time Machine, додека за системите Linux има голем број алатки со кои може да се врати резервната копија.