Можно е да сум цел на шпионски софтвер (spyware)
Новинари, активисти, застапници за човекови права и опозициски политичари откриваат дека нивните мобилни телефони се цел на напреден шпионски софтвер, како што се Pegasus или Predator. Овој софтвер е многу инвазивен бидејќи, практично овозможува целосен пристап до уредот и тешко се открива без примена на техники за дигитална форензика на телефонот.
Проверете дали има известувањата за закани – Apple испраќа известувања за закани, т.е. пораки што го известуваат корисникот дека неговиот уред можеби е цел на напад со шпионски софтвер. Во случај да добиете ваква порака, препорачливо е пораката да ја сфатите сериозно и да контактирате со организации како што се SHARE Foundation, Amnesty International, Access Now или Citizen Lab.
Google не испраќа известувања за закани за уредите што користат Android, како што тоа го прави Apple за своите производи. Сепак, Google може на сличен начин да ве извести во случај да постои сомневање дека вашата сметка била цел на напаѓачи кои се поддржани од државата.
Вклучете го режимот за заклучување (Lockdown Mode) на уредите на Apple – За да спречите напредните закани, како што се шпионскиот софтвер Pegasus или Predator, да ги компромитираат вашите Apple уреди, овозможете го режимот за заклучување, со кој се оневозможуваат одредени функции на вашиот уред (iPhone, iPad, Mac) и за кој, иако донекаде влијае врз корисничкото искуство, познато е дека ги спречува софистицираните сајбер-напади.
Ажурирајте го вашиот телефон – Проверете дали сите апликации на вашиот телефон се ажурираат редовно и дали ја имате и најновата верзија на iOS или Android. Ажурирањата на оперативниот систем содржат безбедносни закрпи, кои се клучни за спречување на шпионскиот софтвер да го зарази вашиот уред.
Бидете внимателни со сомнителни пораки или повици – Шпионскиот софтвер обично се испорачува преку пораки или со повици од непознати броеви од странство. Затоа обидете се да се сетите дали во одреден момент сте примиле некоја исклучително сомнителна порака.