Препознавање злонамерен софтвер

Препознавање злонамерен софтвер

За успешно избегнување на откривањето, разните видови злонамерен софтвер, подразбираат различни мерки што треба да ги спроведат субјектите (операторите) што стојат зад нив. На пример, за да бидат успешни, бришачите (wipers) и инфо-крадците (infostealers) треба да бидат активни само за многу кратко време, додека ransomware софтверот, треба да биде активен, сè додека не се енкриптираат сите датотеки, по што јасно го најавува своето присуство на системот. Од друга страна, шпионскиот софтвер (spyware), RATs и адверот треба да останат скриени долго време, за да ја постигнат целта на своите оператори.

Не секогаш е лесно да се препознае малициозен софтвер, бидејќи честопати корисниците не знаат дека нивниот уред, или систем е заразен. Понекогаш, може да се забележи активноста на злонамерниот софтвер заради спонтано влошување на перформансите на системот. Сите злонамерни програми не влијаат врз перформансите и секако, секое влошување на перформансите на системот не е предизвикано од малициозен софтвер.

Од просечниот корисник, не може да се очекува самостојно и целосно да го отстрани злонамерниот софтвер без употреба на специфичен софтвер. Тој софтвер го следи работењето на системот, ги скенира датотеките што и се превземени од интернет и е-пошта и доколку најде некој злонамерен софтвер, го става во карантин, или го брише, во зависност од тоа како е поставен да делува.

Сепак, не е доволно само да се инсталира одредена апликација што ќе скенира и ќе отстранува злонамерен софтвер. Подеднакво е важно да не се инсталираат апликации од недоверливи извори, да не се кликнува на сомнителни линкови, да не се отвораат сомнителни пораки од е-пошта и да не се посетуваат несигурни веб-локации.