Центар за податоци и облак (Cloud)

Центар за податоци и облак (Cloud)

Децентрализацијата на еден систем, како мерка за негова физичка заштита, дефинирана е како клучен услов за обезбедување негова безбедност. Се препорачува податоците да не се чуваат на истата машина од која се испраќаат во мрежата или на која се обработуваат. Постојат неколку начини за чување големи количини податоци. Наједноставниот начин е да се чуваат на надворешен тврд диск. Надворешните тврди дискови со релативно добри перформанси се лесно достапни, но овој вид на компјутерски хардвер нема вграден механизам за правење копии. Тоа значи дека, во случај на дефект, повеќето од податоците на дискот ќе бидат засекогаш уништени. Од друга страна, надворешните дискови немаат директен пристап до интернет и се активни само кога се поврзани на компјутерот, па за нив може да се каже дека се релативно безбедни. Чувањето податоци на надворешни тврди дискови значи дека податоците остануваат во објектот каде што се наоѓа централата или генералната дирекција на организацијата.

Од аспект на можноста за губење на податоци, изнајмувањето простор за чување податоци на сервер што е во облак, многу е подобар начин за чување на важните податоци. Клауд компјутинг е интернет-технологија што овозможува користење ресурси од далечина (тука се мисли на проток на податоци, простор за складирање и чување, работна меморија итн.) и нивна размена меѓу повеќе апликации и корисници. Облакот може да биде приватен, јавен или од хибриден вид. Клауд (облак) услугите користат RAID технологија (Redundant Array of Independent Disks), што е базирана на моделот на компаративна употреба на повеќе дискови за чување податоци, така што секој податок се наоѓа на најмалку две локации, со што значително се намалува ризикот во случај на дефект. Некои од решенијата за чување податоци во облак се Nextcloud, Dropbox, Proton Drive, Tresorit, итн.

Трет начин за чување податоци е да се формира сопствен мини центар за податоци, во кој ќе бидат складирани сите податоци што ѝ се важни на организацијата. Опремата за оваа намена зависи од потребите. На располагање се голем број евтини и готови решенија што можат трајно да го решат ова прашање. На овој начин, податоците ќе останат во простории на организацијата, а примената на технологијата RAID ќе го намали ризикот од нивна загуба и кражба. Едно од готовите решенија за центар за податоци е QNAP.