Моите разговори/повици можеби се пресретнати
Во случај да се сомневате дека некој ги пресретнува вашите повици или пораки, постојат чекори што можете да ги преземете за да бидете сигурни дека вашите разговори не се загрозени:
Користете енкриптирани повици и разговори – Шифрирањето од крај до крај (E2EE) овозможува сите пораки и повици да бидат енкриптирани и приватни, вклучително и за давателот на услугата за пораки. Испраќачот е едниот „крај“ на разговорот, а примачот е другиот „крај“, од каде што и потекнува името „од крај до крај“. Тоа е исто како кога испраќате шифрирано писмо преку обична пошта, и никој не може да го прочита вашето писмо освен вие и лицето на кое сте го испратиле.
Една од придобивките на E2EE-апликациите за разговор е тоа што можете лесно да се поврзете со вашите контакти без дополнителни чекори, како што се размена на јавни PGP клучеви за е-пошта. Следниве апликации стандардно нудат енкриптирани разговори од крај до крај:
Signal е бесплатна апликација со отворен код, која е развиена од независна непрофитна организација, што значи дека не содржи реклами или тракери. Некои од нејзините корисни функции се пораките што исчезнуваат, тоа што е достапна за мобилни и за десктоп-уреди и дека поддржува пристап преку прокси (ако Signal е блокиран во некоја земја).
Element е бесплатно решение за разговор со отворен код, развиено врз основа на Matrix, кој претставува отворена мрежа за безбедна и децентрализирана комуникација. Некои од придобивките на Element се тоа што тој може самостојно да се хостира, добар е за имплементација во организации бидејќи е лесно скалабилен, а постојат и бесплатни и платени верзии.
WhatsApp е апликација која е бесплатна за користење, но и комерцијална, и која е достапна на мобилни и десктоп-уреди, како и на веб. WhatsApp е во сопственост на Meta, која е матична компанија на Facebook, и таа не дава чувство на приватност бидејќи нејзиниот бизнис-модел се базира на продажба на податоци од корисниците. Има некои корисни функции како што е исчезнувањето пораки.