Што е енкрипција?

Што е енкрипција?

Енкрипцијата (шифрирање) е процес на претворање на информации или податоци во код, за да се спречи неовластен пристап. Тоа подразбира употреба на алгоритми (математички постапки или формули) за претворање на обичен текст, што е изворен и читлив податок, во шифриран текст, што претставува шифрирана и нечитлива форма. Процесот на шифрирање обично бара употреба на клуч, кој е специфичен дел од информациите што се користат заедно со алгоритамот за да се изврши шифрирањето, а подоцна и дешифрирањето.

Главната цел на шифрирањето е да се обезбеди доверливост (confidentiality) и безбедност (security) на чувствителните информации за време на нивното складирање или пренос. Шифрирањето обемно се користи во различни апликации, вклучувајќи ги: безбедната комуникација преку интернет, заштитата на личните податоци, заштитата на финансиските трансакции и обезбедувањето (securing) на чувствителните податоци на уредите за складирање. Постојат различни типови алгоритми за шифрирање, а цврстината на шифрирањето честопати зависи од фактори како што се должината на клучот за шифрирање и сложеноста на алгоритамот што се користи.

Симетричното шифрирање вклучува употреба на еден клуч и за шифрирање и за дешифрирање. Обичниот текст се внесува во алгоритам за шифрирање заедно со клуч. Алгоритамот го користи клучот за да го претвори обичниот текст во шифриран текст, со што ги шифрира изворните чувствителни податоци. Ова функционира добро за податоци што се складираат и кои подоцна треба да се дешифрираат. Употребата на само еден клуч за шифрирање и дешифрирање претставува проблем, бидејќи компромитирањето на клучот би довело до компромитирање на сите податоци што биле шифрирани со клучот. Овој вид енкрипција не функционира за податоци што се во движење, каде што се користи асиметрично шифрирање.

Асиметричното шифрирање користи пар од клучеви. Почетокот на асиметричното шифрирање подразбира создавање на пар од клучеви, од кои едниот е јавен клуч, а другиот е приватен клуч. Јавниот клуч е достапен за секого, додека приватниот клуч мора да се чува во тајност од сите, освен од сопственикот на клучот. Во овој случај, шифрирањето се прави со јавниот клуч, а дешифрирањето со приватниот клуч. Примателот на чувствителните податоци му го доставува на испраќачот јавниот клуч, кој се користи за шифрирање на податоците. Тоа обезбедува само примачот да биде тој, што ќе може да ги дешифрира податоците со помош на својот приватен клуч.

Важно е дека енкрипцијата (шифрирањето) од крај до крај, нуди дополнителен слој на заштита. Шифрирањето од крај до крај (E2EE), овозможува сите пораки и повици да бидат енкриптирани и приватни, заштитени од секого, вклучувајќи го и давателот на услугата за праќање/прием на пораки. Испраќачот е едниот „крај“ на разговорот, а примачот е другиот „крај“, од таму потекнува името на видот на енкрипцијата „од крај до крај“. Тоа е исто како во случај кога испраќате шифрирано писмо преку обична пошта и никој не може да го прочита вашето писмо освен вие и лицето на кое сте го испратиле.