Рансомвер
Рансомвер е вид злонамерен софтвер што ги шифрира датотеките, и тоа: од еден компјутер, па до цела мрежа, вклучувајќи ги и серверите, по што, на датотеките не може да им се пристапи без клуч за нивно дешифрирање. За да го дадат клучот за дешифрирање, напаѓачите бараат плаќање во крипто-валути, обично со краток рок, за да извршат поголем притисок врз жртвата. Ова е многу опасен вид малициозен софтвер, бидејќи може да доведе до критично оштетување на целиот информациски систем. Системот може повторно да се опорави со помош на резервни копии. Притоа, администраторите најпрво треба да проверат дали на системот има преостанати траги од рансомверот. Покрај шифрирањето на датотеките, напаѓачите може да користат и техники за ексфилтрација на податоци за да украдат податоци и да се закануваат дека ќе ги објават податоците во случај да не добијат исплата.