Ја заборавив лозинката/корисничкото име
Еве неколку совети што може да ги испробате во случај кога не можете да ги запаметите или да ги најдете податоците што ги користите за да се најавите на вашата корисничка сметка:
Сметка за опоравок - Повеќето платформи и даватели на онлајн-услуги нудат опција за поставување на корисничка сметка за опоравок или добивање копија, за што се користи адреса за е-пошта, телефонски број, или множество од еднократни резервни кодови.
Многу е важно е да ја поставите оваа опција, за да не се случи да останете без пристап до вашата корисничка сметка. Редовно проверувајте го пристапот до вашата сметка за опоравок и заштитете ги информациите за опоравок исто како што ја заштитувате и основната сметка, особено ако припаѓате на ризична група.
Во случај кога не можете да пристапите до вашата корисничка сметка, а не сте најавени на друг уред, користете ги вашите резервни: адреса за е-пошта или телефонски број, за да добиете пристап до основната корисничка сметка. Погрижете се да имате пристап до вашите резервни информации/резервна сметка – во спротивно, можно е никогаш да нема да можете да пристапите до сметката што сте го изгубиле – ова треба редовно да го проверувате. Важно е да ја заштитите и резервната корисничка сметка, бидејќи преку неа е овозможен целосен пристап до основната сметка.
Преку делот ‘Лични информации’ (Personal info) на вашата сметка на Google овозможена е опцијата за поставување на телефон или адреса за е-пошта, наменети за опоравок. Кај Yahoo, можете да ја користите страницата за безбедност на профилот, преку која може да се додадете метода за опоравок, т.е. телефонски број или адреса за е-пошта. Во делот за безбедност на профилот, кај Outlook, Hotmail и други кориснички профили на Microsoft, може исто така, да се додаде адреса за е-пошта за опоравок.
Проверете дали има зачувани лозинки во прелистувачот - Прелистувачите што денес се користат (Firefox, Chrome, Edge), имаат опција да ги запаметуваат вашите лозинки, за да не мора да ги внесувате секогаш кога се најавувате. Сепак, побезбедно е да користите посебен софтвер за управување со лозинки, како на пр. KeePass, KeePassXC или Bitwarden.
Во случаи кога не можете да се најавите со внесување на вашата лозинка, треба да проверите дали вашиот прелистувач ја запаметил лозинката во некој момент и потоа ја користи за пристап до вашата корисничка сметка. Се препорачува: секогаш да направите ’копирај-залепи‘ на лозинката наместо да ја пишувате, за да избегнете евентуални грешки (некои веб-локации не го дозволуваат тоа). Можете да проверите дали има запаметени лозинки во делот опции/поставки во популарните интернет прелистувачи: Firefox, Brave, Chrome и Edge.
Ресетирање на лозинката - Во случај кога имате проблем со пристапот до вашата сметка, а притоа сте сигурни дека точно ја внесувате лозинката (проверете: дали е притиснато CAPS LOCK и кој јазик е одбран за тастатурата), може да ја ресетирате лозинката. Кај повеќето платформи и онлајн услуги ова може да се направи со кликнување на линкот „Ја заборавивте лозинката?“ (Forgot your password?) или нешто слично, што се наоѓа на страната за најавување (login) на сметката.
Следете ги упатствата на страницата „Ја заборавивте лозинката“ и проверете дали имате пристап до адресата за е-пошта/телефонскиот број што сте ги користеле за да ја отворите вашата сметка. Ако немате пристап до адресата за е-пошта или телефонски број, тогаш ќе треба да ја користите резервната сметка (backup account), доколку давателот на услугата ја поддржува таа опција. Во спротивно, можно е трајно да останете без пристап до вашата сметка.
Најчесто, давателот на услугата ви испраќа линк или шифра за ресетирање лозинката преку адресата за е-пошта или со преку други средства за комуникација. Тоа ќе ви овозможи да зададете нова лозинка за вашата корисничка сметка. По ресетирањето, за пристап до вашата сметка ќе се користи новата лозинка.
Безбедносни прашања – Друг начин да го вратите пристапот до вашата сметка е да одговорите на безбедносни прашања, во случај кога претходно сте ја овозможиле оваа опција во безбедносните поставки на вашата корисничка сметка. Сепак, некои провајдери ја отстрануваат оваа опција поради неефикасност на безбедносните прашања (лесно може да се погодат и сл.). Исто така, корисниците најчесто со години не ги менуваат одговорите на овие прашања или, едноставно, ги забораваат, бидејќи не ги користат често.
Меѓутоа, ако имате вклучено можност за безбедносно прашање како резервно решение за вашата сметка, чувајте го одговорот на безбедно место, погрижете се тој да не биде јавно достапна информација или нешто што може лесно да се погоди (на пример: „Која ви е омилена храна?“).
Пристап преку доверлив уред – Вклучувањето на потврда на идентитетот (автентикација) во 2 чекори за сите ваши кориснички сметки е суштинска безбедносна пракса. Меѓутоа, во случај кога методот за потврда на идентитетот што сте го поставиле (телефонски број, апликација) не функционира или е променет, треба да се обидете да пристапите на сметката преку доверлив уред. Голем број даватели на услуги нудат можност (обично тоа е само поле што се штиклира на страницата каде што се поставува автентикацијата во 2 чекори) да се одбере доверлив уред, преку кој ќе можете да се најавувате на корисничката сметка без да ги внесувате безбедносните кодови секогаш кога ќе се најавувате преку автентикацијата во 2 чекори. Пример: вашиот домашен компјутер.
Како доверливи означете ги само оние лични уреди (како што се компјутери, таблети, телефони) што редовно ги користите. Никогаш не користете ја оваа функција за уреди што се туѓи или јавно достапни.
Побарајте враќање на избришана корисничка сметка - Во случај кога вашата сметка е избришана, постои можност да побарате нејзино враќање, освен ако не поминало многу време откако била избришана. Ако не сте ја користеле сметката подолго време, веројатно нема да можете целосно да ја вратите.
Постапката за враќање на избришана корисничка сметка е различна кај различни даватели на услуги. Кај Google, на пример, на корисникот ќе му бидат поставени повеќе прашања за да се потврди дека навистина сметката е негова. Советите кои Google им ги дава на корисниците што се обидуваат да ги вратат своите сметки се: да се одговори на што е можно повеќе прашања без прескокнување, да се користи познат уред и локација, да се биде прецизен со лозинките и безбедносните прашања, да се користи адреса за е-пошта до која можете да пристапите (на пр., е-пошта за враќање на сметката) и што е поврзана со корисничката сметка и да се наведат корисни детали доколку бидете прашани зошто не можете да пристапите до вашата сметка.