Добив предупредување за вирус
Сознанието дека вашиот уред е заразен со злонамерен софтвер може да биде причина за загриженост, но постојат чекори што можете да ги превземете за да го решите проблемот и да ја минимизирате штетата:
Изолирајте го уредот – Исклучете го заразениот уред од мрежните врски, вклучително Wi-Fi и кабелски врски, за да спречите ширење на злонамерниот софтвер на други уреди во вашата компјутерска мрежа.
Вклучете антивирусен софтвер – Користете антивирусен или антималвер софтвер, како на пример Bitdefender или Avira, за да го скенирате вашиот уред. Пред да го извршите скенирањето, проверете дали се ажурирани антивирусните дефиниции. Дозволете софтверот да го отстрани или да го стави во карантин секој откриен злонамерен софтвер.
Ажурирајте го софтверот и оперативниот систем – Обезбедете на вашиот уред најнови верзии и безбедносни закрпи (update) за: оперативниот систем, веб-прелистувачите и останатиот софтвер. Злонамерниот софтвер честопати ги искористува пропустите во застарениот софтвер за да ги зарази уредите.
Променете ги лозинките – Ако се сомневате дека се компромитирани чувствителни информации, како што се лозинките, веднаш променете ги. За да овозможите подобра безбедност, поставете силни и уникатни лозинки за секоја корисничка сметка.
Направете резервна копија од важните податоци – Направете резервна копија од сите важни датотеки, или податоци на вашиот уред со користење на надворешен уред за складирање, или преку ‘клауд’ услуга, ако веќе не сте го направиле тоа. Со тоа ќе спречите губење на податоци доколку злонамерниот софтвер предизвика оштетување на вашите датотеки.
Размислете да побарате помош – Ако не можете сами да го отстраните злонамерниот софтвер, или ако станува збор за тешка инфекција, размислете да побарате помош од професионален компјутерски техничар.