Што е злонамерен софтвер (малвер)?
Злонамерен (малициозен или малвер) софтвер е општ термин за софтвер што се користи за пристап во некој компјутер, собирање чувствителни информации, или добивање пристап до заштитен информациски систем. Овој тип софтвер, го создаваат и го користат сајбер-криминалци, други злонамерни субјекти, дури и држави, со намера да му се наштети на информациски систем и/или да се украдат информации од него. Во некои случаи, целта на злонамерниот софтвер не е да му наштети на системот, туку да го исплаши неговиот корисник.
Повеќето злонамерни софтвери се состојат од една или од повеќе датотеки и се однесуваат како програма или апликација, но има и злонамерни софтвери што целосно работат во меморијата на уредот.
Злонамерниот софтвер може да се класификува по начинот на кој го инфицира системот, или според тоа какви последици предизвикува кај системот.