Хостинг

Хостинг

Веб-страниците може да се хостираат во земјата каде што работи организацијата, или на меѓународно ниво. И двете опции се подеднакво остварливи, но имаат некои свои специфики. На пример:

  • Домашен хостинг
    • Достапност на техничка поддршка што не зависи само од пријавување на проблемот и од онлајн комуникацијата;
    • Ликвидноста и угледот на давателот на хостинг услугата може локално да се провери;
    • Нема примена на законски одредби што се однесуваат на меѓународниот пренос на лични податоци;
    • Ако страницата што е наменета за домашната публика е предмет на DDoS [DDoS] напад од странство (што е најчесто случај), таа и понатаму ќе може да остане стабилна и достапна за домашните корисници, додека странските IP-адреси ќе бидат привремено блокирани.
  • Хостинг во странство
    • Серверот каде што е хостирана страницата не е во надлежност на државните органи во земјата каде што работи организацијата;
    • Домашното законодавство не се применува на хостинг-компании во странство, така што правните и административните постапки поврзани со хостираната содржина може да бидат комплицирани и неизвесни.

Од техничките аспект, постојат четири вида хостинг:

  • Споделен хостинг (Shared hosting) е хостинг што се заснова на принципот на споделување ресурси. Различни сајтови што се наоѓаат на споделениот сервер, ги споделуваат: процесорот, пропусниот опсег (bandwidth), просторот на дискот итн. Тоа значи дека, ако една од страниците на споделениот хостинг има зголемен број барања за пристап, перформансите на останатите сајтови на истиот сервер ќе ги трпат последиците од тоа;
  • Виртуелен приватен сервер (VPS) е хостинг каде што за секој сајт се доделени посебни ресурси. Од технички аспект: на еден физички сервер, поставени се повеќе виртуелни сервери и за секој од нив се доделени посебни ресурси, што не се споделуваат со останатите виртуелните сервери. Исто така, ако еден од виртуелните сервери биде нападнат, интегритетот на останатите сервери нема да биде загрозен;
  • Посебен (dedicated) сервер e вид хостинг каде што на корисникот му е доделено ексклузивно право да пристапува до компјутерот (машината) и да го користи за која било цел. Кога станува збор за посебен сервер, корисникот во него може да постави виртуелни машини што ќе се користат за различни намени, како што се: веб хостинг, е-пошта, чување податоци;
  • Клауд хостинг е хостирање на повеќе сервери кои меѓусебно се поврзани за да функционираат како еден, т.е. клауд инфраструктура, што придонесува за децентрализација на системот, а со тоа се постигнува подобар интегритет. Во случај на дефект на еден од серверите, останатите сервери ја превземаат неговата улога, па така, проблемот нема да влијае врз работата на веб-страницата.

Споделениот хостинг не се препорачува како решение во случаи кога страницата има активна содржина што се менува релативно често и кога бројот на посетители варира. Подобри решенија се посебниот хостинг и хостингот во облак, но тие се малку поскапи. На крајот од краиштата, изборот на соодветната опција ќе зависи од потребите на организацијата.

Техничката поддршка е еден од најважните елементи на хостинг сервисот, бидејќи во случај нешто да тргне наопаку, оваа поддршка е контакт-точката што мора да биде целосно отворена и комуникативна за да се реши проблемот што е можно побрзо. Се препорачува да се избере компанија чија услуга за техничка поддршка е во функција 24/7.

И покрај тоа што содржина и сообраќајот на интернет се практично виртуелни, старите добри машини се сè уште основата што го овозможува сето тоа. Затоа, е важно да проверите каков хардвер користи компанијата за хостирање.

На крајот, техничките спецификации на хостинг-пакетот се најважната карактеристика и пожелно е тие да се скалабилни, односно да можат да се адаптираат и да се надградуваат во согласност со променливите потреби на организацијата.

Добриот хостинг подразбира и децентрализација. Не се препорачува истиот сервер што се користи за хостирање на страницата да биде и сервер за пошта или податоци. Веб-серверот мора да биде достапен од јавен интернет, додека пристапот до центарот за податоци од јавен интернет би бил сериозен безбедносен проблем. Доколку има потреба од далечински пристап до податоците што се зачувани во центарот за податоци, најдобро е да се користат VPN услуги.