Мојата веб-страница не работи

Мојата веб-страница не работи

Веб-страниците може да престанат да работат или да не бидат достапни од повеќе причини; затоа, важно е да ги разгледате следниве чекори за да го пронајдете основниот проблем и да го решите:

Список на грешки на серверот - Кога прелистувачот се обидува да пристапи до веб-страница, добива статусен код: трицифрен број што покажува дали барањето било успешно. Кодови за статус обично се невидливи за корисникот, но кога укажуваат на грешка, често се прикажуваат во прелистувачот. Ова може да биде корисно при решавање на проблеми кога вашата веб-страница не работи.

Таквите статусни кодови можат да бидат грешки кај клиентот, кои започнуваат со 4 (на пример 404, што значи дека страницата не е пронајдена, или 403, што значи дека корисникот нема пристап до страницата), или грешки на серверот, кои започнуваат со 5 (на пример 502, што значи дека серверот не може да постапи со барањето). При справување со такви грешки, осигурајте се да ја освежите страницата во вашиот прелистувач по направените промени на серверот и проверете ги логовите на серверот за повеќе детали ако проблемот продолжи.

DigitalOcean има подготвено листа на вообичаени грешки кај видовите клиенти и сервери, кои се причините за тие грешки, како и детални објаснувања за начинот на којшто може да се реши секоја од нив.

Контактирајте го вашиот давател на хостинг услуга - Во случај да не можете сами да ги решите проблемите, ниту пак тоа може да го направи системскиот администратор (на пример, преку разгледување на сите грешки на серверот и обид за нивно отстранување), следен чекор би бил да го контактирате вашиот давател на хостинг услугата. Меѓутоа, во зависност од тоа дали вашиот сервер се наоѓа во земјата во којашто сте или во странство, вашето искуство со давателот на хостинг услугата може да се разликува.

Иако странските даватели на хостинг услуги може да обезбедат подобра услуга од оние во вашата земја, треба да бидете свесни дека нивната поддршка може да не биде во согласност со стандардите за брзо решавање на проблемот со вашата веб-страница.

Најдобра опција се даватели на хостинг услуги кои обезбедуваат поддршка 24/7, како и оние кои нудат дополнителни канали за поддршка (разговор во живо, повик) покрај отворањето тикет за поддршка или испраќање на е-пошта.

Медиумите, граѓанските организации и ризичните групи (на пример, ЛГБТ+) треба да разгледаат решенија за хостирање понудени од Greenhost, Qurium, или Deflect, бидејќи нивните услуги се приспособени кон потребите на чинители кои делуваат во интерес на јавноста.

Активирајте заштита од DDoS напади - Дистрибуирани напади на одбивање на услуга (DDoS) имаат за цел да го поплават серверот со голем број автоматски барања за пристап, обично доаѓаат од илјадници IP адреси, со цел да ја направат страницата недостапна. За да ја заштитите вашата страница од да биде оневозможена поради DDoS напад, треба да активирате заштита од DDoS.

Најпознат давател на услуги за заштита од DDoS напади е Cloudflare, кој нуди бесплатни планови, но со ограничени опции. Постојат и други, како Deflect, чии услуги се користени од голем број медиуми, организации за заштита на животната средина и за човекови права.

Google исто така нуди бесплатна заштита од DDoS преку Project Shield, кој е наменет за вести, човекови права и мониторинг на избори.

Независни медиуми, истражувачки новинари и активисти за човекови права кои делуваат во репресивни режими можат исто така да аплицираат за добивање поддршка за брза реакција од Qurium, која, меѓу другото, вклучува и DDoS заштита. Cloudflare овозможува исто такво ниво на платена услуга, но бесплатно, преку Project Galileo, за кое можат да аплицираат актери кои работат во интерес на јавноста, а кои се изложени на ризик.

Сменете ја лозинката - Во случај вашата веб-страница да не работи, или ако се случил некој невообичаен проблем во работењето, првото нешто што треба да направите е да ја смените лозинката на вашата сметка (account) за веб-страницата, што се прави во корисничкиот интерфејс на системот за управување со содржина (CMS), како на пример WordPress. Исто така, проверете дали има евентуална сомнителна активност, како што се непознати плагини или теми, нови корисници кои биле креирани или промени во привилегиите на постоечките корисници.

Кога ќе се случат тешки сајберинциденти, се препорачува исто така и промена на лозинката на серверот. Ова може да се постигне на различни начини, во зависност од типот на серверот (Windows Server или Linux).

Побарајте логови (logs) на серверот - За да го определите потенцијалниот извор на проблеми со вашата веб-страница, од големо значење може да биде разгледувањето на логовите на серверот. Логовите на серверот се текстуални документи кои ни даваат разни информации за сите активности на серверот. На пример, можете да ги видите IP-адресите и идентитетот на уредите кои испраќаат барање до серверот, времето и датумот на барањето итн., и сето тоа може да биде од клучно значење кога работиме врз ублажување на определен сајберинцидент.

Од администраторот на вашиот систем може, исто така, да побарате и логови за серверот кои се однесуваат на определен временски период, или тоа да го направите преку техничката поддршка.

Побарајте повторно да се врати резервната копија - Кога определен сајберинцидент ќе заврши, потребно е да се направи проверка за да се види дали нешто недостасува. Злонамерните субјекти можеби избришале дел од содржината од вашата веб-страница, па затоа е важно редовно да правите резервни копии од серверот и од веб-страниците.

Во случај да забележите дека недостасува некоја содржина по справувањето со инцидентот, можете повторно да ја вратите со испраќање барање за обезбедување резервна копија од страна на вашиот давател на хостинг услугата или од техничката поддршка.



ПРИЈАВИ СЛУЧАЈ