Резервна копија (backup) на податоци
Правењето резервна копија на податоците не влијае на нивото на безбедност на системот, но има клучно значење во случај кога има потреба да се вратат изгубените податоци, што често се случува по некоја безбедносна криза (инцидент). Со помош на резервната копија, можно е понекогаш и да се утврди причината за падот на системот, на тој начин што се прави реконструкција на безбедносните пропусти или на грешките во системот. Се препорачува да се користи систем што има отворен код, како на пример UrBackup. При изборот треба да се води сметка тој да овозможува брзо и прецизно враќање на податоците на оптимален начин, односно да не го преоптоварува ниту серверот, ниту ресурсите каде што се чуваат податоците.
Клучна препорака што треба да се следи кога станува збор за правење резервна копија на вашите податоци е Правило „3-2-1“: чувајте најмалку 3 копии од вашите податоци, проверете дали две копии се зачувани на посебни уреди, или единици за складирање и дали едната копија е зачувана надвор од локацијата на првите две копии, на пример на оддалечен сервер.
Друга важна работа што треба да се земе предвид во однос на резервните копии е дека, иако давателите на услуги за складирање во клауд (Proton Drive, Dropbox, Tresorit итн.) претставуваат вообичаено и безбедно решение за складирање податоци, тие може да бидат ранливи на социјален инженеринг и на слични напади и не се гаранција дека податоците нема да бидат изгубени поради разни причини (на пр. Google Drive за десктоп корисници пријавил загуба на повеќемесечни податоци при крајот на 2023 година). Имајќи го ова предвид, се препорачува правење резервна копија на надворешен тврд диск, или на друг компјутер, како дополнителна мерка на претпазливост.